Општина Карпош: Есенска акција – ќе бидат засадени околу 180 нови високостеблести листопадни дрвја

Во рамки на есенската акција за збогатување на зеленилото, на повеќе локации низ Општина Карпош ќе бидат засадени околу 180 нови високостеблести листопадни дрвја, со што дополнително ќе се зголеми зелениот фонд на општината.
„Дел од новите садници веќе го разубавуваат Карпош 4, на улиците „Вич“, „Струма“, „Волгоградска“, „Трифун Бузев“ и „Воденска“, како и во дворот на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ (Партизан).
Нови дрва се засадени и во Тафталиџе 1, во паркот кај маркетот „Зур“, на платото „Педагошка“, како и на булеварот „Партизански одреди“ бр. 129.
Во рамки на есенската акција се засадуваат различни видови дрва, меѓу кои црн јасен, албиција и горски јавор.
Засадувањето продолжува во Паркот на борците, на булеварот „Илинден“, кај „Млечен“ во Тафталиџе 1, а ќе заврши во населбата Влае.
Општина Карпош континуирано вложува во нови зелени површини и засадување дрвја, затоа што секое ново дрво значи почист воздух, повеќе сенка и поквалитетна животна средина за сите генерации“, се наведува во соопштението на Општината.


