Вторник, 20 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Промовирана платформата „ЕкоСкопје“: Граѓаните полесно ќе може да пријавуваат еколошки проблеми

20.10.2026, 12:28

Денеска беше промовирана платформата „ЕкоСкопје“, ново дигитално решение со кое граѓаните полесно ќе пријавуваат еколошки проблеми, а градските служби ќе добиваат конкретни информации за поорганизирано постапување, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓеивски.

„Младинска идеја станува дело, во служба на нашиот град. Како функционира „ЕкоСкопје“? Кога ќе забележите дива депонија, проблем со контејнер или друг еколошки проблем, преку платформата испраќате пријава со точна локација, фотографија и краток опис. Така, службите полесно ќе го пронајдат местото и ќе имаат појасна слика за состојбата на терен. По поднесувањето, можете да го следите статусот на пријавата. За граѓаните тоа значи полесно пријавување, поголем увид во постапувањето и подиректна комуникација со институциите“, рече Ѓорѓиевски.

За нас, додаде тој, тоа е дополнителна обврска за одговорност и видливи резултати.

„Технологијата ни дава нова можност, а нашата посветеност треба да ја претвори во почисто и поуредено Скопје. Искрена благодарност до Европската Унија за финансиската поддршка, до ЛЕАД, а особено до младиот Андреј и целиот тим ентузијасти кои со знаење, труд и верба во својата идеја ја создадоа „ЕкоСкопје““, рече градоначалникот.

Тој ги повика граѓаните да ја користат платформата и со точни локации, фотографии и корисни информации да придонесат за побрзо лоцирање на проблемите.

Поврзани вести