Четврток, 22 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Ревизорите открија слабости во ИТ системите, ПИОМ уверува дека податоците на граѓаните се безбедни

22.10.2026, 16:19

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) тврди дека голем дел од пропустите во информатичката безбедност, утврдени со ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР), веќе се надминати, а дел од препораките се целосно реализирани или се во напредна фаза на спроведување. Од Фондот уверуваат дека личните податоци на пензионерите и осигурениците не биле компромитирани.

Реакцијата следува по објавувањето на ревизорскиот извештај, во кој ДЗР утврди слабости во заштитата на информациите и ИТ системите на ПИОМ, недостиг од стручен кадар, застарена опрема и отсуство на сеопфатна стратегија за информациска безбедност.

„Со извршената ревизија е заклучено дека имплементацијата на превентивни мерки за информациска безбедност на ИТ системот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е со слабости кои влијаат врз целокупното ниво на ефективна заштита на информациите и ИТ ресурсите со кои се управува со податоците на корисници чии права се остваруваат исклучиво преку Фондот“, се наведува во соопштението на ДЗР.

Според ревизорите, од предвидените 57 работни места во Секторот за информатика биле пополнети само 17, додека во Одделението за ИТ инфраструктура и поддршка имало само еден вработен од предвидените 13. Утврдени биле и недостиг од безбедносни надградби, неажурирана антивирусна заштита и отсуство на одобрени планови за континуитет во работењето и обновување по катастрофи.

Од ПИОМ оценуваат дека констатираните состојби се последица на, како што наведуваат, „недомаќинското, неодговорно и занемарено управување“ со институцијата во периодот до септември 2024 година.

„Извештајот на ДЗР јасно покажува каква состојба е затечена: години на лоша политика, отсуство на стратегија за сајбер-безбедност и игнорирање на основните безбедносни стандарди“, наведуваат од Фондот.

Според соопштението, во текот на 2025 и 2026 година биле реализирани инвестиции во зајакнување на сајбер-безбедноста, вклучително и воведување современи системи за откривање и следење безбедносни закани, подобрување на контролите за пристап и надградба на серверската инфраструктура.

Од Фондот посочуваат дека во 2025 година воспоставиле резервна инфраструктура за обновување на податоците на посебна локација, додека до средината на 2026 година биле заменети и модернизирани над 100 работни станици. Тврдат и дека се ажурирани интерните безбедносни процедури, а ИТ секторот е доекипиран со стручен кадар.

ПИОМ наведува дека соработува и со Светската банка на организациско и кадровско зајакнување и модернизација на институцијата.

„Немало и нема компромитирање на вашите податоци. Податоците на граѓаните се сигурни, а Фондот презема сè за гарантирање на нивната доверливост, интегритет и достапност“, порачуваат од ПИОМ до пензионерите и осигурениците.

Од Фондот нагласуваат дека ревизорските препораки ги сметаат за основа за отстранување на претходните пропусти и понатамошно подобрување на информациската безбедност.

Поврзани вести