Сè оди надолу, рече Филипче за извештајот на Европската Комисија

Сè полошо е. Нула напредок против корупција, слобода на изразување и јавните набавки. Судство под политичка опсада и без пари. 40 тужби против новинари – тројно повеќе од лани. Медиумите под притисок. Земјоделство пред колапс. Вака претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го коментираше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во 2026 година, во објава на социјалната мрежа Икс.
„Власта го зароби судството, го задуши медиумскиот простор и ја остави корупцијата недопрена. Сè оди надолу. Како да биде кога мафија владее со земјата?“, напиша Филипче.
Во Извештајот за 2026 година, Европската комисија констатира дека нема напредок во борбата против корупцијата и во областа на слободата на изразување, додека независноста на судството и натаму е поткопана од мешање на другите гранки на власта и недостиг од ресурси.
Истовремено, ЕК забележува значителен напредок во спроведувањето на Реформската агенда, но посочува дека не биле направени обиди за усвојување на уставните измени, кои остануваат услов за понатамошен напредок во евроинтегративниот процес.



