ССНМ и ЗНМ: Изјавите на Мицкоски за нарачани новинарски текстови ја поткопуваат и онака кревката доверба во медиумите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат загриженост поради изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за нарачувањето текстови во медиумите, дадена во телевизиско интервју пред два дена. Во изјавата поврзана со пишувањето на Фајненшл Тајмс (ФТ) за деловните операции на Алта банка Србија во Австрија, премиерот алудираше дека конкретниот текст во овој медиум бил или би можел да биде нарачан.
„Фрлањето сомнеж врз угледен светски медиум и кон кој било професионален медиум не испраќа добра порака. Уште посериозен е ставот на премиерот дека политичките субјекти ‘може да нарачаат текстови во каков било портал’ и ‘сешто да пишува’, како и дека премиерот ‘не разбира што не е добро тука’. На дополнителните прашања од новинарката, премиерот негираше дека тој или партијата на власт нарачуваат текстови за да оцрнат некого. ССНМ и ЗНМ го имаат предвид тоа, но сметаат дека ваквите изјави, без оглед на намерата, ја поткопуваат улогата на слободните медиуми во стабилните демократски општества: да бидат контролор на власта и да придонесуваат за информирана јавност врз основа на факти потврдени од релевантни извори“, се вели во заедничкото соопштение.
ССНМ и ЗНМ потсетуваат дека нарачани текстови во медиумите можат да се објавуваат единствено како реклама за маркетинг цели, кои медиумот мора јасно да ги означи.
„Свесни дека можеби постојат и неформални нарачки во некои медиуми, но таа пракса целосно е спротивна на професионалните етички стандарди на новинарството и тоа е штетно по јавниот интерес. Затоа, ваквите изјави дополнително ја нарушуваат и онака кревката доверба во медиумите и во новинарите“, сметаат од ССНМ и ЗНМ.



