Татковци напаѓале синови, синови ги тепале татковците – четири случаи во повеќе градови

Четири случаи на семејно насилство се регистрирани во полицискиот билтен, во кои татковци ги напаѓале или им се заканувале на своите синови, но и синови физички ги напаѓале своите татковци.
Кривична пријава е поднесена против 38-годишен маж од струшкото село Бороец, кој на 2 ноември во семејниот дом физички го нападнал својот син.
СВР Тетово, пак, поднесе кривична пријава против 23-годишник од тетовско село, кој на 22 септември, по претходна расправија во семејниот дом, физички го нападнал својот татко.
Сличен случај е регистриран и во селото Ропотово, општина Долнени, каде што синоќа во 23:10 часот полицијата привела 25-годишник, откако бил пријавен дека по расправија во семејниот дом физички го нападнал својот 50-годишен татко.
Утрово во 03:50 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје бил приведен и 56-годишен скопјанец, кој, според пријавата, со остар предмет им се заканувал на своите двајца синови, а оштетил и дел од покуќнината.
По документирањето на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.


