(Видео) Мојсоска: ДПМНЕ три месеци го држи предлог-законот за семејно насилство во фиока, седум жени платија со живот поради институционалниот хаос

Пратеничката на Левица, Јована Мојсоска, на собраниската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година побара дополнителни 1,5 милиони евра за воспоставување и функционирање на заеднички оперативни тимови на Министерството за внатрешни работи и центрите за социјална работа, со цел координирано постапување во случаите на семејно насилство. Амандманот беше одбиен од пратеничкото мнозинство на ДПМНЕ, со што власта уште еднаш покажа дека декларативната заложба за заштита на жените не е проследена со конкретни буџетски мерки, информираат од Левица.
Мојсоска предупреди дека Македонија ја завршува годината со седум фемициди кои можеле да бидат спречени доколку надлежните институции навремено и координирано постапувале. Наместо системска заштита, жртвите, оценува таа, се соочуваат со институционална негрижа, бирократски лавиринти и отсуство на одговорност, додека МВР и центрите за социјална работа ја префрлаат одговорноста едни на други.
Како пример за сериозноста на институционалните пропусти, Мојсоска го посочи случајот во Карпош, каде што полицијата дури по 45 дена го известила Центарот за социјална работа за напад врз жена среде парк. Дополнително, и покрај констатираните пропусти кај 39 полициски службеници, сѐ уште, како што вели, не е поведена кривична постапка, туку се водат единствено дисциплински постапки. Мојсоска праша каква заштита можат да очекуваат жртвите кога институциите не реагираат ниту на очигледни случаи на насилство.
Според неа, не помалку алармантен е и случајот во Богданци, каде што жртвата го пријавила физичкиот напад на 30 септември, а МВР го известило Центарот за социјална работа дури по три дена. Иако законските обврски налагаат постапување во рок од 12 часа, Центарот остварил средба со жртвата и родителот дури по пет дена, додека судските мерки против насилникот биле изречени по цели 16 дена. Овој случај, според Мојсоска, е уште еден доказ за катастрофалната некоординираност на институциите.
Мојсоска посочи дека дополнителен показател за негрижата на власта е и фактот што предлог-законот за семејно насилство веќе три месеци стои во собраниска архива, без да биде ставен на разгледување. „Додека за законски измени кои одговараат на партиските интереси се наоѓа експедитивност, законските решенија поврзани со заштитата на жените остануваат заглавени во собраниските фиоки.
Дополнително, од вкупно 80 општини во државата функционираат само 11 шелтер-центри, а и нивната функционалност е сериозно доведена во прашање. Програмите за бесплатна здравствена заштита и бесплатна правна помош не се доволно промовирани и достапни за жртвите, кои наместо институционална поддршка, добиваат нови административни пречки и дополнителна демотивација да го пријават насилството“.
Левица предупредува дека семејното насилство не може да се спречи со празни декларации, пригодни говори и протоколарни свечености. Според партијата, потребни се функционални институции, навремена размена на информации, специјализирани кадри, засолништа и реални буџетски средства. „Не може да се зборува за безбедност и НАТО-стандарди додека државата не успева да го заштити најосновното – човечкиот живот“.




