(Видео) Жерновски: Катастрофата во која Мицкоски и неговите нè втурнаа овие две и пол години се одразува директно и во Извештајот

Катастрофата во која Мицкоски и неговите нè втурнаа овие две и пол години се одразува директно и во Извештајот. Нема никаква тајна околу овие извештаи. Каков мандат, каков резултат на вашиот мандат, такви и извештаи добиваме од Брисел и затоа сè ова што е набележано во Извештајот можеме накратко директно да го оцениме како катастрофа, изјави , Андреј Жерновски, Секретар за меѓународна соработка во СДСМ.
Според него, она што загрижува е што имаме нула напредок во корупцијата и во борбата против корупцијата.
„Имаме нула напредок во она што беше борба за да имаме добри јавни набавки. Тука немаме никаков напредок. Лоша е, катастрофална состојбата. Нула напредок имаме и кај слободата на медиумите. Судството е под политичка опсада и без пари. Медиумите се под притисок, а земјоделството е пред колапс. Власта го зароби судството, го задуши медиумскиот простор и ја остави корупцијата недопрена, а корупцијата го јаде обвинителството, го јаде судството, го јаде општеството во целост. Имаме нула напредок во седум области. Меѓутоа, она што посебно загрижува е што најважниот кластер е Кластерот 1, тој се однесува на темелите и директно ги набележува недостатоците или немањето каков било резултат на оваа влада“, рече Жерновски.
Тој обвини дека корупцијата останува широко распространета во нашата држава и, како што рече, е веројатно еден, ако не и најголемиот проблем кај нас.
„Негативна е оценката и за слободата на изразување. Тука навистина треба сите да сме крајно загрижени. Изборното законодавство сè уште ги нема прифатено сугестиите од ОБСЕ, од ОДИХР, ниту од Венецијанската комисија. Парламентот, за жал, е претворен во институција којашто му служи само на Владата. Делумно ефикасно ја извршува својата функција. Така оценува Комисијата, а употребата на скратените законодавни постапки повторно е зголемена, на што нашите пратеници редовно укажуваат во Собранието, односно на тоа како се злоупотребува таа процедура“, рече Жерновски.
Тој додаде дека Европската комисија предупредува и за слабото управување со јавните инвестиции, големата неформална економија, каде што всушност е и криминалот, иселувањето на квалификуваната работна сила, недостигот на соодветни вештини и големиот родов јаз на пазарот на трудот.
„Имаме криминална власт којашто целосно сака да го контролира судството и врши притисок врз судството. Криминалот и корупцијата се во врвот на агендата. Европскиот пат, како што гледаме, е максимално закочен, а стандардот на граѓаните опаѓа, што значи дека и квалитетот на живот станува сè полош. Накратко кажано, сè оди надолу, сè е полошо и полошо“, рече Жерновски.


