(Видео) Жерновски: Мицкоски, извини им се на граѓаните, со години ги лажеше дека ќе останат без македонски јазик и идентитет

Андреј Жерновски, секретар за меѓународна соработка на СДСМ, денеска на прес-конференција побара од премиерот Христијан Мицкоски да им се извини на граѓаните за, како што истакна, повеќегодишното убедување дека со Преспанскиот договор се изгубени македонскиот јазик и идентитет.
„Мицкоски постојано се повикува на Фројд кога сака да направи анализа или психоанализа на СДСМ.
Меѓутоа Фројд има еден многу интересен концепт, кој се нарекува проекција. Тоа, всушност, е кога сопствените стравови, фрустрации и комплекси ги бараш кај некој друг.
Затоа, премиере, кога започна да правиш психоанализа на СДСМ, подобро ќе беше да си погледнеш во сопствениот двор. Или, ако сакаш попрецизно и подиректно, подобро ќе беше ординацијата да ја побараш во сопствената влада, или поточно, во твојот кабинет“, му порача Жерновски на Мицкоски..
Она што деновиве го сведочиме, рече Жерновски, се два огромни примери на фројдовски комплекси.
„Се сеќавате ли на патриотските денови, комитски, опозициски, на Мицкоски, кога ја убедуваше македонската јавност дека со Преспанскиот договор сме го изгубиле македонскиот идентитет.
Се сеќавате ли како СДСМ беше прогласен за предавник и сите ние што зборуваме во одбрана на тој концепт, Преспанскиот договор бевме нарекувани предавници.
Се сеќавате ли кога токму Мицкоски изјави дека, поради сè она што тие го сметаат за проблематично во Преспанскиот договор, штом ќе дојдат на власт, ќе го поништат договорот“.
Сето тоа, оценува Жерновски, беше една голема, безобразна и огромна лага.
„Прво, претседателката Силјановска ни објасни дека со Преспанскиот договор се зачувани македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Потоа, министерот Муцунски изјави дека не постојат северномакедонски јазик и северномакедонски идентитет, туку дека постојат македонскиот јазик и македонските граѓани. И еве го сега Мицкоски, кој на почетокот, надвор од Македонија, изјави дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата, еве го деновиве со Мега признание за тоа што тој всушност знае во себе, што содржи Преспанскиот договор.
Цитирам: Преспанскиот договор го потврдува македонскиот идентитет е зачуван и дека македонскиот јазик е потврден во Обединетите нации. Значи, сето она што го кажуваше СДСМ, тој сега самиот го потврди“.
Упати порака до Мицкоски, за да знае, како што рече, што треба да направи во наредниот период.
„Ова го кажа надвор од Македонија и тоа на англиски јазик. Не! Сега ќе се дојдеш дома и истото ќе го кажеш на македонски јазик, тука, пред оние гласачи што ги излажа и кои, за жал, ти поверуваа. Дома ќе кажеш дека Преспанскиот договор ги зачува македонскиот идентитет и македонскиот јазик“.
Жерновски го повика Мицкоски да им се извини на граѓаните затоа што ги злажал.
„Да им се извиниш. Не на СДСМ, ниту на членовите на СДСМ, туку на граѓаните, затоа што ги излажа, ги натера да гласаат за тебе, а потоа безобразно им соопшти дека сето тоа било обична, дебела лага.
Македонскиот идентитет е зачуван. Македонскиот јазик е потврден во ОН и сето тоа благодарејќи на државотворната политика на СДСМ.
Мицкоски, не сме исти!
Додека ти го лажеше и, за жал, го излажа македонскиот народ, ние се боревме за Македонија. Се боревме и успеавме да ги зачуваме македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
Никогаш нема да бидеме исти!
Вториот пример, за крај, е она фројдовско признание за нарачаните текстови. Нешто што дури ни неговите политички ментори и идоли, Орбан и Вучиќ, не го кажале толку отворено.
Повторно ќе цитирам. Сакам да го цитирам точно, за да не згрешам и за да знае македонската јавност што изјави нашиот премиер во едно интервју:
„Можеме да нарачаме текст каде сакаме, во кој било портал“.
Што не е добро тука?
Пазете го Фројд! Токму оној Фројд на кој се повикуваше Мицкоски. Ех, Мицкоски, да можеше така како што нарачуваш текстови, така да си нарачаш и достоинство, чесност и чист образ“.


