Четврток, 12 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

ВЛЕН: Бараме оставка на Ахмети

Коалицијата ВЛЕН побара оставка од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обвинувајќи ја неговата партија за долгогодишна политичка и деловна соработка со структури поврзани со Србија. Од ВЛЕН тврдат дека документи покажуваат оти министри на ДУИ предлагале и поддржувале владини одлуки со кои се овозможувала соработка со белградската Алта банка, а како дополнителни примери ги посочуваат проектите поврзани со Дака Давидовиќ, влезот на МТЕЛ на македонскиот пазар, иницијативата „Отворен Балкан“ и тендерите на Државната лотарија.

„Црно на бело, документите покажуваат дека министрите на ДУИ предлагале и гласале точки на седници на Владата со кои на белградската Алта Банка ѝ се овозможува деловна соработка со државата. Наместо да ги штитат интересите на граѓаните, функционерите на ДУИ отворале врати за финансиски аранжмани и партнерства со банка од Србија.

Ова е само уште еден доказ за долгогодишната политичка и деловна соработка на ДУИ со структури поврзани со српските центри на моќ. По сите обиди ваквите информации да се сокријат од јавноста, фактите денес зборуваат сами за себе.

Да ги потсетиме граѓаните на низата случаи кои бараат одговорност:

1. АЛТА БАНКА – ДОКУМЕНТИТЕ ГОВОРАТ!
Министрите на ДУИ во Владата предлагале и поддржувале одлуки со кои се овозможувала соработка меѓу државата и Алта Банка од Белград. Јавноста има право да знае кои биле мотивите за ваквите одлуки и какви интереси стоеле зад нив.

2. ДАКА ДАВИДОВИЌ ВО ТЕТОВО!
ДУИ беше дел од власта која го отвори патот за проектот на Дака Давидовиќ во Тетово. Лице кое подоцна се најде на американската листа на санкции поради сомнежи за корупција и незаконски активности.

3. МТЕЛ – СРПСКИОТ ОПЕРАТОР ВО МАКЕДОНИЈА!
Во времето кога ДУИ управуваше со државата, на македонскиот пазар влезе МТЕЛ, дел од Телеком Србија. Уште еден пример за отворање на простор за српски државен капитал во државата.

4. ОТВОРЕН БАЛКАН – ПРОЕКТОТ НА ВУЧИЌ!
Али Ахмети беше меѓу најгласните поддржувачи на Отворен Балкан, проект предводен од Александар Вучиќ, кој Косово континуирано го оспоруваше и го сметаше за штетен за своите интереси.

5. НЕУСПЕШНИОТ ТЕНДЕР НА ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА!
Во времето кога Државната лотарија беше раководена од близок соработник на Артан Груби, тендерот за онлајн игри на среќа беше насочен кон српски и црногорски компании. Наместо транспарентност и заштита на јавниот интерес, јавноста доби уште една контроверза поврзана со бизнис интереси од соседството.

6. СРЕДБИТЕ СО СРПСКИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ!
За време на мандатот на Бујар Османи како министер за надворешни работи беа реализирани бројни средби со претставници на српските институции. Граѓаните имаат право да знаат какви договори и какви резултати произлегле од тие контакти.
ПРАШАЊЕТО Е ЕДНО И ЈАСНО: КОЛКУ ДОКАЗИ СЕ ПОТРЕБНИ ЗА АЛИ АХМЕТИ ДА ПРЕЗЕМЕ ОДГОВОРНОСТ?

Од Алта Банка, преку Дака Давидовиќ, МТЕЛ, Отворен Балкан и спорните тендери, се создава слика за континуирана политичка и деловна поврзаност која заслужува темелна институционална проверка и политичка одговорност.

Али Ахмети треба да поднесе оставка од претседателската функција во ДУИ и да се повлече од политиката. Време е да престане да ја држи партијата и нејзината иднина како заложник на сопствените политички интереси.

Ги повикуваме сите чесни членови на ДУИ, но и политичките фактори кои сè уште имаат соработка со ова раководство, да се дистанцираат од овие политики и практики.

Никој не смее да биде соучесник во срамот што ѝ се нанесува на албанската политичка кауза и на иднината на државата“, велат од ВЛЕН.

Поврзани вести