Среда, 25 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Започна јавната расправа за новиот Кривичен законик – построги казни за корупција и злоупотреби, до 15 години затвор

Со стручна јавна расправа во Македонската академија на науките и уметностите, Министерството за правда денеска го започна циклусот консултации за новиот Кривичен законик, кој по речиси три децении треба да го замени постојниот законик од 1996 година.

Министерот за правда Јетон Шасивари во своето обраќање посочи дека општествените, економските и технолошките промени, како и појавата на нови форми на криминал, ја наметнуваат потребата од целосна реформа на казненото законодавство, наместо досегашните парцијални измени.

„Денес, на првата од серијата четири стручни расправи, отвораме значајно поглавје во реформата на македонското правосудство. По речиси три децении, Македонија е пред донесување на целосно нов Кривичен законик – законик кој треба да ги постави темелите на современ, ефикасен и европски усогласен казненоправен систем“, истакна Шасивари.

Еден од приоритетите на реформата е зајакнувањето на кривичната одговорност за корупција и злоупотреби во јавниот сектор. Се ревидираат одредбите од досегашниот член 353 за злоупотреба на службената положба и овластување, а злоупотребите при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства добиваат посебен кривичноправен третман. За најтешките облици на овие дела се предвидуваат затворски казни до 15 години.

Новиот законик носи и систематизација и кодификација на кривичните дела, унапредување на системот на казни и усогласување со европските и меѓународните стандарди.

Шасивари нагласи дека висината на казните е само еден од аспектите на борбата против криминалот. Подеднакво важни се јасно дефинираните кривични дела, правилното утврдување на одговорноста и можноста за доследна примена на законските одредби во судската практика.

„На граѓаните не им должиме само нов закон. Им должиме правда која функционира“, порача министерот, повикувајќи на отворена, стручна и аргументирана дебата.
Во подготовката на законикот се вклучени домашни и меѓународни експерти. Работните верзии беа објавени на ЕНЕР, а текстот е доставен и до Европската комисија на мислење.

На денешната расправа учествуваа претставници на академската заедница, невладиниот сектор, амбасадите, ОБСЕ, судовите, јавните обвинителства, Адвокатската комора и членовите на работната група.

Министерството за правда ги организира стручните расправи на подрачјата на четирите апелациони судови, со цел пред финализирањето на текстот да се разгледаат отворените правни прашања и да се слушнат предлозите на професионалците кои непосредно го применуваат казненото законодавство.

По денешната расправа во Скопје, консултациите ќе продолжат во Гостивар, Штип и Битола.

Поврзани вести