Зеленортските Острови на чекор до историски избор: Жоана Роза може да стане првата жена претседателка

Зеленортските Острови би можеле да ја добијат првата жена претседателка од независноста во 1975 година. На денешните претседателски избори, поранешната министерка за правда Жоана Роза ќе се соочи со актуелниот претседател Жозе Марио Невеш, кој се бори за втор мандат.
На изборите учествуваат шест кандидати. Доколку ниту еден не освои повеќе од половина од гласовите, вториот круг ќе се одржи на 29 ноември, пренесува Асошиејтед прес.
Роза, која ја поддржува опозициското Движење за демократија, е првата жена што се кандидира за претседател на оваа островска држава од нејзиното осамостојување од Португалија во 1975 година.
Иако жените досега заземале високи функции во владата, Зеленортските Острови никогаш немале жена на премиерската или претседателската функција.
Државата се наоѓа во Атлантскиот Океан, недалеку од западниот брег на Африка, и има околу половина милион жители. Позната е по мирното предавање на власта и конкурентните избори, што е реткост во регионот.
За гласање се регистрирани и речиси 77.000 државјани кои живеат во странство, што претставува речиси една петтина од вкупното избирачко тело.


