Арамија Мицкоски останува посветен на провизиите од дата-центрите на сметка на народната струја, народната вода и сметките на граѓаните, велат од СДСМ

Шефот на ВМРО-ОКГ повторно рече дека процесот со дата центри е „неповратен“. Кај него е неповратно затоа што веќе ја договорил својата провизија. Се крие само она што мора да го скрие: кој инвестира, која струја ќе ја јаде, која вода ќе ја пие, каде оди загреаната вода и која провизија седнува за договорот, велат од СДСМ.

„Компанија тврди дека има обезбедено 100 мегавати струја и директен пристап до Вардар. Тврди дека Владата дала зелено светло.

А Владата зборува за роботи и Азија, како да сме на саем, не во држава каде што ЕСМ тоне, струјата се увезува скапо, а граѓаните со недели чекаат извештај за тоа што пијат.
Кој е инвеститорот?

Која струја ќе ја троши центарот – домашна или увозна, која на крај влегува во сметката на граѓаните?

Која вода ќе ја цица – од Вардар или Лепенец кои веќе се трујат, Треска каде умира риба, или од чешмата во Гостивар?

Каде оди загреаната вода? Во река. Во истата река од која потоа пак се пие, а рибата умира“.

Од опозициската партија наведуваат дека еден голем дата-центар троши струја колку цел град.

„Во Ирска центрите веќе јадат над 20 проценти од националната електрична енергија – повеќе од сите градски домаќинства заедно.

Затоа Даблин со години држеше кочница на нови приклучоци.

Амстердам забрани нови центри најмалку до 2030.

Не затоа што светот е против технологија. Затоа што држава што нема струја и вода за своите луѓе не смее прво да ги раздаде на сервери.

Има и бучава. Има агрегати и ладење деноноќно. Има соседство што се празни. Македонија веќе се празни“.

Младите, додаваат од оваа партија, си одат поради плата, воздух, вода и иднина. „Да им додадеш уште еден индустриски шум и уште една дупка во мрежата не е развој. Тоа е забрзување на иселувањето“.

СДСМ, како што нагласуваа од таму, не е против дигитализација. Ова, како што оценуваат, не е дигитализација туку хардвер за туѓа дигитализација.

„СДСМ е против кражба облечена во сервер. Нема датум. Нема име на инвеститор. Нема јавен договор за мегавати и литри.

Нема проект. Има провизија што бара покритие.

Додека Мицкоски зборува за иднина, граѓаните гледаат сметка која тие ја плаќаат. Затоа што струјата ќе ја платат тие. Без вода ќе останат тие. Бучавата ќе ја слушаат тие. А провизијата ќе ја земе бандата.

Кој крие инвеститор, крие цена. Кој крие цена, ја знае однапред. А ја плаќате вие“.

Scroll to Top