Недела, 29 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Брутален напад врз двајца комуналци во Скопје, едниот издржува осум деца и работел цела ноќ

Двајца вработени во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје биле физички нападнати од неколку лица на автобуска постојка на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Двајцата работници се здобиле со телесни повреди, кои им биле констатирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека нападот се случил на полноќ, а случајот бил пријавен во СВР Скопје попладнево, во 16 часот.

„На 29.11.2026 во 16:00 часот во СВР Скопје, А.М. (46) од Скопје пријавил дека на булеварот ‘Партизански одреди’, на автобуска постојка, заедно со неговиот колега Р.С. (30), двајцата вработени во ЈП ‘Комунална хигиена’, биле физички нападнати од неколку лица на 29.11.2026 околу 00:00 часот. А.М. и Р.С. се здобиле со телесни повреди, констатирани во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Според информации објавени на социјалните мрежи, работниците ги завршиле работните задачи, по што земале храна и чекале автобус за да се вратат дома. Во објавата се наведува дека двајцата се во тешка финансиска состојба, а едниот од нив со една плата издржува осум деца.

Во истата објава се тврди дека напаѓачите се претставиле како членови на навивачката група „Комити“. Оваа информација засега не е потврдена од полицијата.

Поврзани вести