Во јуни 2024 година, економијата растеше со скромни 1,6 проценти во првиот квартал. Тоа беше јасен показател дека по години на владеење на СДС и ДУИ, македонската економија предолго се движеше бавно и без доволно силен развоен импулс. Најновите податоци за вториот квартал од 2026 година покажуваат реален економски раст од 4,3 проценти, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„И не станува збор за раст поттикнат од само еден сектор. Инвестициите пораснаа за 16,5 проценти, извозот на стоки и услуги за 10,4 проценти, а градежништвото бележи висок раст од 21,9 проценти.
Позитивни резултати се забележуваат и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот, угостителството и ИКТ секторот.
Тоа значи дека економската активност се зголемува на повеќе фронтови истовремено, се инвестира повеќе, се произведува повеќе, се извезува повеќе и се создаваат услови за нови работни места и нови инвестиции.
Особено важно е што економскиот раст не е проследен со нов инфлаторен притисок. Напротив, додека економијата забрзува, инфлацијата се намалува и денес изнесува 2,3 проценти.
Затоа, овие бројки не се само статистика. Зад нив стојат повеќе инвестиции, поголема економска активност, нови можности за бизнисите и подобри услови за раст на платите и животниот стандард.
Економскиот раст не е цел сам за себе. Тој е средство за подобар живот на граѓаните.
Затоа продолжуваме со јасна и предвидлива економска политика, со силна поддршка за инвестициите и приватниот сектор, реализација на капиталните проекти и создавање стабилно економско опкружување во кое компаниите можат да растат и да отвораат нови работни места.
За само две години, економијата премина од раст од 1,6 проценти на 4,3 проценти. Тоа е мерливо, широко распространето и реално економско забрзување.
Економските политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ даваат резултати“, се вели во партиското соопштение.







