„Македонија 2025“ по четврти пат отвора повик за наставници во рамки на програмата „Науката и јас“

Македонија2025, во соработка со компанијата Џонсон Мети, по четврти пат го отвора повикот за наставници во рамки на програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“, со цел унапредување на наставата по природни науки и поттикнување на интересот на учениците за науката, истражувањето и практичната работа.

Повикот е наменет за предметни наставници од основните училишта во Македонија кои реализираат настава по природни науки, биологија, хемија и физика, а особено за наставници-приправници и наставници со до 10 години работно искуство во наставата.

Во рамки на проектот ќе се организира еднодневна практична обука за 25-30 наставници, со фокус на методи кои можат директно да се применат во училницата, вклучително учење базирано на истражување, практични експерименти, проектно учење, поттикнување критичко размислување и активно вклучување на учениците во процесот на учење. Обуката ќе се реализира во соработка, и е сертифицирана од страна на Бирото за развој на образованието.

Програмата не завршува со самата обука. Учесниците ќе добијат дидактички материјали, практични стратегии за работа, менторска поддршка и сертификат за професионален развој. Дополнително, дел од наставниците ќе имаат можност стекнатото знаење да го применат заедно со своите ученици преку подготовка на експерименти и научни проекти, учество на 1–2 регионални саеми по наука или преку организирање сопствени научни активности во рамки на училиштето. За дел или за сите учесници, во зависност од нивната ангажираност во активностите по обуката, предвидена е и можност за добивање сет за наука со материјали и опрема за практични експерименти. За ограничен број наставници и ученици е предвидена и можност за посета на фабриката на Џонсон Мети во близина на Скопје.

Четврта година на „Науката и јас“

Ова е четвртото издание на проектот „Науката и јас“. Во досегашните изданија проектот вклучи 109 наставници, над 35 ментори и илјадници ученици од училишта низ Македонија. Преку досега реализираните 10 регионални саеми по наука, учениците имаа можност своите експерименти и проекти да ги претстават пред повеќе од 2.600 врсници, наставници и членови на пошироката заедница.

Континуитетот на програмата овозможува обуката на наставниците да биде поврзана со конкретна примена на наученото во училницата, поддршка од ментори и директно вклучување на учениците во истражување, експериментирање и практична работа.

Македонија2025 упатува искрена благодарност до Џонсон Мети за континуираната поддршка на програмата, како и до Бирото за развој на образованието, наставниците,

менторите, училиштата и сите дополнителни корпоративни и институционални партнери кои во изминатите години се вклучија во реализацијата на активностите и придонесоа кон проширување на влијанието на проектот.

Нивната поддршка овозможи „Науката и јас“ постепено да прерасне од обука за наставници во поширока програма која ги поврзува професионалниот развој на наставниците, практичната примена на наученото, менторската поддршка и активното учество на учениците во науката.

Отворени за нови партнерства

И во новото издание, Македонија2025 останува отворена за соработка со компании, институции и организации кои ја препознаваат важноста на квалитетното образование по природни науки и сакаат да придонесат кон создавање дополнителни можности за наставниците и учениците.

Дополнителните партнерства можат да придонесат кон проширување на активностите, обезбедување материјали и опрема за практична настава, поддршка на научните саеми и училишните активности, како и создавање нови можности учениците да се запознаат со практичната примена на науката, технологијата и иновациите.

Целта на програмата останува иста – да ги зајакне компетенциите на наставниците и да создаде повеќе можности учениците да ја доживеат науката преку истражување, практична работа, експериментирање и создавање.

Аплицирање и важни датуми

Крајниот рок за аплицирање е 15 октомври 2026 година.

Обуката е планирана за ноември 2026 година, додека практичната работа и активностите со учениците ќе се реализираат во текот на учебната 2026/2027 година. Научните саеми и презентациите на експериментите се предвидени за периодот март – мај 2027 година.

Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање се достапни на: https://macedonia2025.com/en/news/otvoren-povik-za-predmetni-nastavnici-od-oblasta-na-prirodnite-nauki

За дополнителни информации и прашања: ScienceAndMe@macedonia2025.com

Scroll to Top