Вторник, 27 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Кина поради Мбапе ги прекина преносите на Ла Лига – Големите спонзори ги раскинуваат договорите

Кинеската државна телевизија „CCTV“, ги прекина емитувањата на шпанската Ла Лига откако видеото на Килијан Мбапе, кое зборува за фотомонтажа на која е прикажан како поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг, стана вирално на интернет. Реакциите не застанаа само на телевизиските преноси. Најмалку три големи кинески компании објавија прекин на соработката со ѕвездата на Реал Мадрид.

Според пишувањето на кинескиот портал „The Paper“, кој се повикува на извори од државната радио-телевизиска група „China Media Group“, „CCTV “, во понеделникот ги прекина емитувањата на шпанското првенство и натпреварите поврзани со Мбапе. Во исто време, рекламите и промотивните материјали со неговиот лик беа отстранети.

Сè уште не е познато колку долго ќе трае суспензијата. Исто така, тоа е одлука на државната телевизија, а не забрана за сите емитувања на шпанскиот фудбал во Кина. Ла Лига има и посебен договор со дигиталната платформа „Migu“, која ги поседува правата за сите 380 лигашки натпревари по сезона.

Што рече Мбапе?

Целата контроверзност започна со видео-клип од разговор во кој Мбапе зборува за интернет шеги за себе што се проширија на социјалните мрежи.

Францускиот напаѓач беше прашан која фотомонтажа со неговиот лик е најсмешна. Тој одговори дека особено го забавувала онаа во која неговото лице е поставено на телото на човек за кој мислел дека е кинески диктатор. Додаде дека често користи таква слика во комуникацијата со пријателите.

Видеото прикажува фотомонтажа во која лицето на Мбапе е поставено на телото на Мао Це Тунг, водач на Кинеската комунистичка револуција и основач на Народна Република Кина. Важно е да се нагласи дека Мбапе не го кажал името на Мао. Идентитетот на историскиот лидер произлегува од прикажаната фотографија.


https://topsport.mk/wp-content/uploads/2026/10/m2-res_1920p.mp4

Мао Це Тунг владеел со Кина од 1949 година до неговата смрт во 1976 година. Неговото владеење било обележано со големи политички кампањи, репресија и масовни страдања, но тој сè уште има исклучително важна позиција во официјалниот кинески политички наратив.

Кинеските спонзори ги раскинаа договорите

Реакцијата брзо се прошири на кинеските компании кои го користеа ликот на Мбапе во рекламните кампањи. Производителот на пијалоци „Донгпенг,“ компанијата за млечни производи „Менгниу“ и производителот на сирење „Милкграунд“, објавија прекин на соработката со францускиот фудбалер.

Од „Донгпенг“, изјавија дека се спротивставуваат на однесувањето што ги навредува националните чувства и дека веднаш ги прекинува сите форми на соработка со Мбапе. „Менгниу“ издаде слична изјава, наведувајќи политика на нулта толеранција за зборови и постапки што ги навредуваат чувствата на кинескиот народ.

Ова се компании кои го користеа Мбапе во големи маркетиншки кампањи. Неговото лице се појави на пакувањата на производите, автобусите и рекламите во кинеските градови.

Во една од рекламите на „Менгниу“, тој се појави заедно со Лионел Меси.

Кинеската социјална мрежа „Сјаохонгшу“, позната меѓународно како „RedNote“, најави отстранување на промотивна содржина поврзана со Мбапе, но нагласи дека нивната договорна соработка завршила во декември 2024 година.

Реагираше и кинеското Министерство за надворешни работи

Контроверзноста стигна до кинеското Министерство за надворешни работи. Портпаролот Гуо Џиакун изјави дека зборовите и постапките што ги навредуваат чувствата на кинескиот народ ќе наидат на заедничко противење на кинеското општество.

На социјалната мрежа „Веибо“, меѓу најпопуларните теми беа раскинувањето на договорите за спонзорство и повиците за бојкот на францускиот фудбалер.

Французинот на овој начин се најде во сериозна комерцијална и медиумска контроверзност поради кратка изјава за интернет фотомонтажа. Последиците досега одат подалеку од неговите лични договори за спонзорство, бидејќи кинеската државна телевизија одлучи да ги прекине емитувањата на натпреварите во кое игра неговиот Реал Мадрид.

Foto/ Depositphotos

Поврзани вести