Лапорта: Реал не функционира како тим, за да ги оправдаат лошите потези шират лаги за Негреира

Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, беше доста строг кон големиот ривал Реал Мадрид пред Ел Класико, кое се игра во недела. Тој потврди дека клубовите повеќе немаат никаква соработка и реши да им објасни на ривалите како треба да функционира еден тим.
Џоан Лапорта верува дека Реал Мадрид не може ништо да направи сè додека има многу големи ѕвезди во тимот.
Го нарече „неуспех“, потпишувањето на Килијан Мбапе.
„Го кажав тоа и претходно. Не можете да имате два петли во ист кокошарник. Никогаш не функционира“, рече Лапорта и продолжи:
„Во фудбалот, приоритет е тимот и тимскиот дух. Ако го немате тоа, проектот е осуден на пропаст.“
„Тоа е една од најголемите предности на Барселона. Имаме одличен талент, играчи од Ла Масија и играчи од различни фудбалски култури, но успеавме да изградиме тим кој има хемија.“
„Од друга страна, Реал Мадрид претпочита поединци, ѕвезди и големи потписи. Тие го изгубија кредибилитетот и сега прават сè за да ги оправдаат лошите потези ширејќи лаги за Негреира.“
Џоан Лапорта призна дека нема апсолутно никакви односи меѓу двата клуба. Тој го нарече отворен конфликт.
„Не, нема никакви односи меѓу двата клуба. Би рекол дека сега е конфликт. Тие се обидуваат да привлечат внимание, го изгубија кредибилитетот, институционалениот и спортскиот. Не освоија ништо две години. Ние освојуваме трофеи и сме кандидати за сите можни титули. Тие повеќе немаат никакво влијание во фудбалските институции. Мислам дека тргнаа по погрешен пат и сега ја плаќаат цената.“
Ел Класико се игра во недела од 21 часот, претходно двата тима имаа обврски во Лигата на шампионите.
Foto/ Depositphotos


