Дали „лошите момци“ веќе не се „во мода“? Каков тип на маж бараат жените денес

Новите истражувања покажуваат дека, при изборот на партнер, жените сè повеќе ценат емоционална отвореност, како и мажи на кои не им пречи жените да ја преземат иницијативата.
Според анкетата спроведена од апликацијата за запознавање „Chyrpe“ – која е наменета првенствено за жени – 70 отсто од испитаничките би го избрале 32-годишниот Хари Стајлс пред Френк Мартин, опасниот и стоички лик што го толкува Џејсон Стејтам во акциониот филм The Transporter, пренесува весникот The Sun.
Меѓу мажите што испитаничките ги сметаат за привлечни се најдоа и актерите Сет Роген (44) и Мајкл Сера (38). Од друга страна, се чини дека стереотипните „опасни момци“ – како ликот што го игра Марлон Брандо во филмот „On the Waterfront“ од 1954 година – веќе не се толку посакувани.
Жените сè помалку се привлечени од доминантни мажи.
Резултатите од анкетата покажуваат дека само шест отсто од испитаничките посакуваат доминантен партнер, додека само 14 отсто сметаат дека е важно мажот да биде самоуверен и одлучен.
Наместо тоа, испитаничките претпочитаат мажи кои отворено ги изразуваат своите емоции, подготвени се да разговараат за нив и немаат потреба секогаш да ја преземаат водечката улога во врската.
Стандардите се менуваат.
Експертот за врски Џиџи Енгл смета дека резултатите од анкетата покажуваат оти традиционалните стереотипи за привлечноста се менуваат. „На мажите често им се вели дека мора да бидат доминантни и да имаат контрола за да бидат посакувани, додека од жените се очекува да чекаат некој да ги освои. Но, жените сè повеќе сакаат сами да одлучуваат како ќе изгледаат нивните врски и каква улога сакаат да имаат во нив“, објасни таа.



