320 илјади луѓе на протести во Франција, судири со полицијата во повеќе градови

Во неколку француски градови денеска дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако низ земјата 320 илјади луѓе излегоа на протести против високите животни трошоци и влошените услови во училиштата.
По претежно мирниот почеток на протестите, полицијата во доцните попладневни часови употреби солзавец во Париз и Лион.
Во Париз се слушале експлозии од пиротехнички средства, а на телевизиските снимки се гледа како демонстранти фрлаат запаливи средства кон полицајците опремени за разбивање демонстрации. Неколку полицајци биле зафатени од пламен.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на протестите низ земјата учествувале 320 илјади луѓе, од кои 70 илјади во Париз.
Во Марсеј на улиците биле запалени предмети, поради што интервенирале и пожарникари. Судири со полицијата биле пријавени и во Рен и Тулуз.
Според соопштението на локалната префектура, во Рен поединци фрлале предмети кон полициските службеници.
Протестите беа организирани на повик на синдикатите, училишните и студентските организации, како и движењето „Жолти елеци“, кое привлече пошироко внимание во Франција во 2018 година.



