Албанија демантира дека дроновите што го погодија рускиот воен брод биле лансирани од нејзината територија

Албанија демантира каква било вмешаност во нападот со поморски дронови врз руски воен брод кај брегот на Либија, отфрлајќи ги тврдењата дека нападот бил извршен од нејзина територија, пренесува Анадолија.
Албанското Министерство за надворешни работи соопшти дека таквите информации се неточни и не ја одразуваат фактичката состојба.
„Албанија не беше вмешана во овој инцидент, а нејзината територија не беше користена ниту ставена на располагање за извршување или овозможување на таков напад. Категорично ги отфрламе овие тврдења, изнесени без проверливи докази“, соопштија од Тирана.
Министерството ги повика оние што ги шират ваквите информации да објават исправки и одговорно да известуваат за чувствителните прашања.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, претходно соопшти дека во украински напад во либиското пристаниште Бенгази била потопена руската корвета „Меркуриј“, а бил погоден и рускиот товарен брод „Ангара“, кој, според него, се користел за транспорт на оружје.
По нападот, Кремљ предупреди на ескалација на тензиите во регионот, но одби директно да ги коментира нападите во Либија.


