Вторник, 3 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Авион од Лондон непланирано слетал на аеродромот „Варшава-Модлин“ поради закана од бомба

Авион што леташе од Лондон за Варшава денес направи непланирано слетување на аеродромот „Варшава-Модлин“ поради дојава за експлозивна направа во авионот, по што аеродромот беше затворен, соопштија претставници на аеродромот.

Авионот слета во Модлин во 10:01 часот наутро, со 181 лице во него, изјави портпаролот на аеродромот Варшава-Модлин, Адам Шабловски, пренесува „TVN24“.

Тој додаде дека пиротехничките екипи чекаат.

Авионот првично требаше да слета на аеродромот Варшава „Шопен“, но беше пренасочен кон „Модлин“.

Според соопштението на аеродромот, во 9:54 часот наутро е прогласена тревога поради пријавена закана од бомба во авионот што сообраќал на релација Лондон „Хитроу“ – Варшава „Шопен“.

Во моментот на слетувањето, авионот имал 3,7 тони гориво, според написите.

„По слетувањето, авионот беше испратен на одреденото место, каде што ќе остане до понатамошни одлуки и наредби од надлежните служби, вклучувајќи ги и пиротехничките екипи“, се наведува во соопштението, пренесува Танјуг.

Аеродромот „Варшава-Модлин“ останува затворен до понатамошно известување, додека надлежните служби ја проверуваат пријавената закана и преземаат мерки за безбедноста на сите лица на аеродромот.

„Безбедноста на патниците, екипажот и вработените на аеродромот во моментов е приоритет“, се наведува во соопштението, со најава дека информациите за можни промени во ситуацијата и продолжувањето на воздушниот сообраќај ќе бидат објавени подоцна.

Поврзани вести