Петок, 13 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Бајден: Нетанјаху ми ветуваше дека ќе ги заштити цивилите, а потоа повторно ги напаѓаше

Поранешниот американски претседател, Џо Бајден, во своите нови мемоари тврди дека повеќепати барал од израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, да го намали бројот на цивилни жртви во Газа, но дека Нетанјаху ги игнорирал неговите барања. Бајден наведува дека израелскиот премиер му ветувал дека ќе преземе дополнителни мерки, по што следувале нови напади во кои загинувале цивили, пишува „Харец“.

Страдањето на цивилите

„Од почетокот на конфликтот го повикував Израел да преземе мерки на претпазливост за да се намали страдањето на цивилите. Оваа загриженост приватно ја изразував во бројни разговори со Биби, кој признаваше колку зголемениот број жртви му штети на угледот на Израел и на американската поддршка за војната“, напишал Бајден.

„Ќе ветеше дека ќе направи повеќе, а потоа ќе следуваше нова агресивна акција во која ќе загинеа уште цивили. Кога ќе ги повикавме на одговорност поради тоа, Израелците секогаш имаа некакво објаснување или оправдување, но резултатот беше ист“, додал тој.

Бајден особено го критикувал Нетанјаху поради неисполнувањето на ветувањата.

„Биби немаше никаков проблем да дава ветувања што немаше моќ, или намера, да ги исполни“, напишал поранешниот американски претседател.

Бајден признава дека бил фрустриран од Нетанјаху

Бајден и Нетанјаху се познаваат со децении, уште од времето кога Бајден бил сенатор и еден од најважните поддржувачи на американско-израелските односи. И како потпретседател на Барак Обама, тој често го бранел Нетанјаху, и покрај тензиите меѓу израелскиот премиер и тогашната Бела куќа.

Таквиот однос продолжил и за време на војната во Газа. Администрацијата на Бајден во најголем дел ја задржала силната воена и политичка поддршка за Израел, поради што тој бил критикуван од бројни демократи кои барале поодлучен притисок врз Нетанјаху.

Една од ретките позначајни мерки била одлуката на Бајден во мај 2024 година да запре испорака на оружје што вклучувала бомби тешки околу 900 килограми. Со тоа се обидел да го изрази противењето на планираната израелска офанзива врз Рафа, но најголемиот дел од американските испораки на оружје за Израел продолжиле без прекин.

„Иако разбирав дека дејствува под голем притисок, ме фрустрираше тоа што не размислуваше како државник и не ги штитеше долгорочните интереси на Израел, туку само сопствените краткорочни политички потреби“, напишал Бајден.

Во други делови од мемоарите, Бајден се осврнал на проценката на специјалниот обвинител Роберт Хур, кој за време на истрагата за постапувањето со доверливи документи го опишал како добронамерен постар човек со лошо паметење.

Бајден истакнал дека Хур го испрашувал на 8 и 9 октомври 2023 година, непосредно по нападот на Хамас врз Израел, кога како претседател морал да се справува со вонредна меѓународна криза.

„Цела ноќ бев буден, соочувајќи се со последиците од длабоката промена на светскиот поредок. Прашајте го израелското раководство дали мислеле дека тој ден имаат работа со претседател со намалени способности“, напишал тој.

Тој повикал да се погледнат и неговото тогашно обраќање до нацијата и патувањето во Израел единаесет дена подоцна, отфрлајќи ги оценките дека поради возраста не бил способен да ја извршува претседателската функција.

Поврзани вести