Среда, 11 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Четири гризли мечки убија мајка и ќерка во Канада: животните се евтаназирани

Четири гризли мечки, за кои е утврдено дека убиле мајка и ќерка во Канада претходно овој месец, се фатени и евтаназирани, пренесува „Скај њуз“. Службата за заштита на природата во Британска Колумбија соопшти дека ДНК-анализите потврдиле оти женка гризли мечка и нејзините три младенчиња се одговорни за смртта на 48-годишната Џени Балкарас и 20-годишната Села Рид.

Инспекторот Џеф Тајр изјави дека истрагата укажува оти нападот најверојатно бил од предаторски карактер – што е исклучително ретка појава. „Со други зборови, не знаеме како започнало, но знаеме како завршило“, рече Тајр. Телата на Џени Балкарас и Села Рид беа пронајдени минатата недела на патека во близина на оддалечената заедница Бела Кула.

Семејството пријавило дека тие исчезнале во неделата, на 1 ноември, а властите уште претходно се сомневале дека во нападот учествувала повеќе од една мечка. Во онлајн кампања за собирање помош, инцидентот е опишан како „незамислива трагедија“. Во описот се наведува дека оваа „ненадејна и поразителна загуба ги оставила нивното семејство и блиските скршени од болка“.

Воведен полициски час; полицијата ги придружува децата до училиште
Братот на Џени Балкарас – која била арт-терапевт (психотерапевт што користи уметничко изразување и креативни активности за да им помогне на луѓето да го подобрат своето ментално здравје) и мајка на три деца – ја опиша како „неверојатно силна личност“ и „инспирација“. Семејството оддаде почит и на Села Рид, истакнувајќи дека „целиот живот бил пред неа“.

„Таа тукушто зачекорила во светот на возрасните, што ја прави оваа загуба уште поболна“, додадоа тие.

Инспекторот Тајр посочи дека овие мечки не се поврзани со минатогодишниот напад врз група деца и наставници во истата област, при што две лица се здобија со сериозни повреди. Тој објасни дека мечките вклучени во напади со смртен исход не можат да бидат рехабилитирани или преместени, бидејќи претставуваат преголем ризик за безбедноста на луѓето.

По инцидентот, локалните власти воведоа доброволен полициски час, а полицијата ги придружува децата на пат кон училиште. Самјуел Скунер, поглавар на заедницата Nuxalk Nation во Бела Кула, изјави дека нападот повторно ги отворил старите рани во заедницата, нагласувајќи дека услугите за психолошка поддршка ќе останат достапни онолку долго колку што е потребно.

Поврзани вести