Среда, 11 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

ЛДП: Контролата отиде во провалија заедно со стандардот! Дали овие луѓе воопшто знаат дека ја водат најсиромашната земја во Европа?

„Предупредувавме за буџетските дупки и растот на цените, а тие ладнокрвно нѐ увереваа дека „сѐ е под контрола“. Епа, сега контролата отиде директно во провалија, заедно со животниот стандард на македонските граѓани кои секојдневно се соочуваат со дивеење на цените и потрошувачка кошничка која одамна надмина секаква реалност! Додека народот преживува со минимални плати и сметки што тешко или невозможно се плаќаат, власта седи во удобни фотелји и ни продава статистички небулози, споредувајќи се со некој митски просек во Германија, Австрија и Швајцарија, целосно отцепени од секојдневната мака на обичниот човек“, велат од ЛДП.

„Кога навреме им дававме конкретни предлози за поврат на ДДВ исклучиво за македонските граѓани и домашните бизниси – нѐ игнорираа како Либерално-демократска партија (ЛДП). Кога предлагавме укинување на грабливите банкарски провизии – арогантно не одбиваа во Собранието. Кога баравме итен спас за земјоделството затоа што без домашна храна сѐ ќе стане луксуз – одговараа со празни небулози. Кога бараме почитување на законот и зголемување на студентскиот оброк – тие зборуваа за „пријателства“ и правеа смешни ПР-креативи. Кога им зборувавме за намалување на непродуктивните трошоци – тие излегоа со предлог да ја напумпаат партиската администрација до бесвест, претворајќи ги институциите во свои партиски агенции“, соопшти ЛДП.

„Предупредувавме дека неодржливите буџети, негрижата и ароганцијата ќе ја фрлат економијата на колена. Секојдневно гледаме како инфлацијата и цените дивеат, додека функционерите живеат во паралелна реалност и се споредуваат со Швајцарија, глумејќи дека не гледаат оти водат држава со најоддалечен стандард и најсиромашни граѓани во Европа. Нивната политика на игнорирање на нашите предлози за спас на бизнисите, граѓаните, студентите и земјоделците носи катастрофа. Доста беше со празни лаги и статистички манипулации – државата не е приватна фирма, а народот повеќе нема од каде да ги плаќа расипничките грешки!“, изјави Дејанчо Цветановски, член на Извршниот одбор на ЛДП.

„Ваквиот економски аматеризам мора итно да запре. Додека вие се тешите со измислени европски проценки, македонските семејства секојдневно бројат монети за преживување. Итни мерки, кратење на луксузот и помош за народот – или повлечете се пред целосно да ја уништите државата!“, се додава во соопштението на ЛДП.

Поврзани вести