Петок, 16 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Дали храната и суплементите што се рекламираат на интернет се безбедни? Дискусија во Кисела Вода

16.10.2026, 13:55

Денес во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Општина Кисела Вода, по повод Светскиот ден на храната, се одржа едукативна панел-дискусија на тема „Електронска трговија на храна, медиумска промоција и рекламирање на храна, додатоци во исхраната и храна за спортисти – вистинска приказна или заблуда?“.

Настанот, кој на едно место ги собра претставниците од Општина Кисела Вода, Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за јавно здравје, имаше за цел да ги отвори важните прашања за влијанието на дигиталните платформи врз изборот на храна и заштитата на здравјето на граѓаните.

На настанот свое обраќање имаше градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, која истакна:

„Ова не е тема која ги засега само младите луѓе и оние кои активно спортуваат и посетуваат теретани. Ова е прашање што допира до секое семејство. Од најмладите кои гледаат реклами за енергетски пијалаци, до повозрасните кои бараат суплементи и додатоци за подобро здравје. Многу често зад убаво спакуваната реклама стои прашањето што е вистинска приказна, а што е само маркетиншка заблуда која може да биде и штетна. Наша обврска како институции е да ги заштитиме сите граѓани, помагајќи им да научат како да ги препознаваат вистинските информации и како да донесуваат здрави и безбедни одлуки.“

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, д-р Оливер Миланов, во својот говор посочи на важноста на безбедноста на храната:

„Годинашното мото “Иновирај денес. Нахрани ја иднината” не потсетува дека иднината на храната ја создаваме со одлуките што ги носиме денес. Науката, новите технологии, дигитализацијата, вештачката интелигенција и прецизното земјоделство, заедно со претприемништвото и традиционалното знаење, можат суштински да ги трансформираат агропрехранбените системи. Но, вистинскиот напредок не се мери само со количината на произведена храна, туку и со нејзината безбедност, хранлива вредност, достапност и влијанието врз животната средина. Не е доволно да произведуваме повеќе. Мораме да произведуваме подобро, поодговорно и побезбедно и за луѓето и за животните“. Додаде дека преку официјалните контроли, надзорот над храната и храната за животни, ветеринарното јавно здравство, следливоста и управувањето со ризиците, Агенцијата за храна и ветеринарство работи на заштита на здравјето на граѓаните, здравјето и благосостојбата на животните и безбедноста на целиот прехранбен синџир.

Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска, посочувајќи ја улогата на Институтот, нагласи:

„Покрај прашањето дали во храната е присутен одреден микроорганизам или хемиска супстанција, важно е да се утврди и какво е нејзиното потенцијално влијание врз здравјето, кои групи се најизложени и дали се потребни дополнителни испитувања, надзор или соодветни мерки. Токму поврзувањето на лабораториската експертиза со јавно-здравствената проценка е една од најважните вредности што Институтот ги внесува во националниот систем за безбедност на храната. Нашата определба е да продолжиме со унапредување на лабораториските капацитети, јакнење на стручниот кадар и развој на научно заснован пристап во проценката на ризиците. Веруваме дека соработката меѓу институциите, размената на знаења и координираното делување се неопходни за ефикасен систем за безбедност на храната. На крајот, нашата заедничка цел е јасна: да обезбедиме побезбедна храна, навремено препознавање на здравствените ризици и повисоко ниво на заштита на здравјето на граѓаните.“

Како панелисти на стручната дискусија учествуваа Светлана Колариќ, Радмила Јовановиќ Николовска, Жанета Мијоска и Никола Савовски. За време на панелот беа отворени значајни прашања поврзани со светската статистика за разболувања од небезбедна храна, процедурите при повлекување на небезбедни пратки од пазарот, позитивните и негативните страни на онлајн купувањето на храна, како и популарноста на додатоците во исхраната. Посебен фокус беше ставен на агресивното рекламирање на производи за слабеење и енергетски пијалаци насочено кон младите, и важноста потрошувачите да бидат свесни за можните негативни последици од следењето на ваквите трендови.

Она што е особено значајно е присуството на младите на овој настан. Во публиката, покрај граѓани, присуствуваа и ученици од ветеринарното училиште СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Васил Антевски – Дрен“, како и основци од ученичкиот парламент при општинските основни училишта во Кисела Вода, кои имаа можност директно да се едуцираат за овие важни теми.

Поврзани вести