Сабота, 17 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Доживотен затвор за сопственичката на градинка во Кина по труење на 247 деца со олово

17.10.2026, 19:15

Шест лица се осудени на затворски казни во кинеската покраина Гансу поради труење на 247 деца од предучилишна возраст во градот Тјеншуи. Сопственичката на градинката е осудена на доживотен затвор, откако било утврдено дека во храната намерно биле додавани токсични материи.

Одговорното лице во градинката, Л. Ф., и извршниот директор Жу Џинлин наредиле додавање токсични супстанции во храната што им се служела на децата и на вработените, со цел производите да изгледаат попривлечно за маркетиншки цели, пренесува кинеската новинска агенција Синхуа.

Според пресудата на Средниот народен суд во Ланџоу, Л. Ф. е осудена на доживотен затвор, а конфискуван е и нејзиниот личен имот во вредност од околу 500.000 јуани.

Ж. Џ. е осуден на 15 години затвор и парична казна од 300.000 јуани. Четворица готвачи добиле затворски казни од шест до осум години, како и парични казни, поради извршување на наредбите на претпоставените.

Според извештајот од истрагата на покраинските власти, печива со токсични материи им биле служени на децата и на персоналот еднаш месечно, почнувајќи од мај 2024 година.

Од вкупно 251 тестирано дете, кај 247 биле утврдени абнормално високи нивоа на олово во крвта. Децата потоа биле упатени на болничко лекување или на нутритивна терапија во домашни услови.

Клиничките анализи покажале дека по третманот нивото на олово во крвта во просек се намалило за 40,21 отсто, со што биле постигнати сите предвидени терапевтски цели.

Во извештај објавен во јули, властите соопштиле дека истражиле 10 локални функционери, меѓу кои и директорот на здравствената комисија, како и претставници на градските власти во Тјеншуи.

Поврзани вести