Сабота, 31 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Нова градинка во Козле за 146 деца, „Пролет 2“ ќе се простира на 2.700 квадратни метри

Во населбата Козле интензивно се гради новата детска градинка „Пролет 2“, која ќе има капацитет за згрижување на 146 деца и ќе биде изградена според современи стандарди.

Увид во градежните активности извршија градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Новата градинка ќе има вкупна површина од 2.700 квадратни метри, вклучувајќи ги подземните и помошните простории. Од нив, 1.100 квадратни метри ќе бидат приземна површина со сместувачки капацитети, додека првиот кат, со површина од 1.000 квадратни метри, ќе биде наменет за згрижување на децата. Предвиден е и подземен паркинг со површина од 600 квадратни метри.

По увидот, во административната зграда на Општина Карпош се одржа работна средба меѓу градоначалникот, министерот и нивните тимови, на која биле разгледани актуелните потреби и предизвици во областа на социјалната и детската заштита, како и можностите за реализација на заеднички проекти.

Посебно внимание било посветено на подобрувањето на условите за престој и згрижување на децата во градинките, но и на унапредувањето на условите за живот на повозрасните сограѓани во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Бардовци.

Од Општина Карпош посочуваат дека продолжуваат со инвестициите во инфраструктурата, подобрувањето на условите во воспитно-образовните установи и подигнувањето на квалитетот на живот на жителите.

Поврзани вести