ЕУ бара нов извор на гас, се разгледува можноста за долгорочен увоз од Канада

Европската Унија и Канада ќе ја разгледаат можноста за долгорочен извоз на течен природен гас (ЛНГ) во Европа, во период кога Унијата се соочува со високи цени на гасот и рекордно ниски резерви. Ова е наведено во нацрт-заедничката изјава за самитот ЕУ – Канада, кој ќе се одржи на 29 и 30 октомври во Монтреал, пишува „Еуроњуз“.
Двете страни планираат да нарачаат студија за изводливоста на извозот на ЛНГ, како и да ја зајакнат соработката во развојот на електричните мрежи, складирањето енергија во батерии и заштитата на енергетската инфраструктура.
„Ќе ги процениме можностите за долгорочна енергетска поврзаност, инвестиции и договори за откуп што ќе придонесат за европската енергетска безбедност и канадскиот економски развој, а истовремено ќе ги поддржат нашите заеднички климатски цели“, се наведува во нацрт-документот.
Со оваа иницијатива, Брисел настојува да ги диверзифицира изворите на енергија и да ја намали зависноста од постојните снабдувачи. По руската инвазија врз Украина, САД станаа најголем снабдувач на ЕУ со течен природен гас, заменувајќи голем дел од претходниот увоз од Русија. Дополнителни проблеми предизвикуваат и прекините во производството и транспортот на гас од Катар.
Сепак, нацрт-документот не прецизира колкави количества гас би можела да испорачува Канада, по која цена и каква инфраструктура би била потребна.
Канадскиот премиер Марк Карни поддржува планови за зголемување на извозните капацитети за течен природен гас. Тој е подготвен да поддржи и извоз од покраината Њу Бранзвик, под услов да се укине забраната за хидраулично фрактурирање и да започне домашно производство.
Еколошките организации, пак, предупредуваат дека изградбата на нови терминали и гасоводи би можела да ја продолжи зависноста од фосилни горива и да ги забави инвестициите во обновливи извори на енергија.
Естер Болендорф од организацијата „Клајмат акшн нетворк Европа“ смета дека Канада не треба да стане нов снабдувач на ЕУ со гас, туку партнер во развојот на достапна и одржлива енергија. Според неа, предложената студија претставува опасно одвлекување на вниманието од електрификацијата и енергетската ефикасност.

