Финците и Норвежаните разговараа со Путин за првпат од почетокот на војната

Во јужна Украина денеска стапи на сила локален прекин на огнот, договорен во пресрет на хуманитарна мисија предводена од првата дама на САД, Меланија Трамп. Во исто време, Киев беше цел на нови ракетни напади. Во меѓувреме, претседателот на Финска и премиерот на Норвешка остварија телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин, што претставува нивен прв познат директен контакт од почетокот на руската инвазија во 2022 година, пренесува „Асошиејтед прес“ (Associated Press).
Прекинот на огнот во разурнатиот јужен град Олешки започна во 03:00 часот наутро, со цел да се овозможи влез на хуманитарна помош во градот кој е под руска окупација. Ситуацијата во Олешки е критична, бидејќи на околу 2.000-те преостанати жители им снемува храна и лекови, додека нагазните мини и беспилотните летала го отежнуваат нивното движење.
Претходните обиди за прекин на огнот брзо пропаднаа поради длабоко вкоренетата недоверба; сепак, влогот е голем и за Москва и за Киев, бидејќи двете страни сакаат да остават добар впечаток кај американскиот претседател Доналд Трамп. Почетокот на прекинот на огнот беше потврден во одделни изјави од преговарачите и воените претставници на двете земји.
Телефонскиот разговор, потврден од кабинетите на норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и финскиот претседател Александар Стуб, следеше по средбата одржана во Осло на 20 октомври. На таа средба учествуваа нордиските лидери, украинскиот претседател Володимир Зеленски и специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф. По разговорот со Путин, Стуб и Сторе разговараа и со Зеленски.
Разговорите беа водени во договор со Украина. Стуб и Сторе го иницираа повикот за да разговараат за војната и за претстојните трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД, кои се закажани за ноември во Абу Даби.
Беше нагласено дека двајцата европски лидери зборуваа во име на своите земји, а не во име на цела Европа.
„Разговорот беше искрен и конкретен“, рече Стаб. „Ние сме соседи на Русија. Исходот од оваа војна директно ќе влијае врз нашата безбедност, како и врз безбедноста на поширока Европа. За запирање на војната се потребни директни разговори.“
Премиерот Сторе додаде: „Војната носи огромни човечки и материјални жртви. Страдањето и уништувањето ќе влијаат врз идните генерации. Во текот на разговорот, ја истакнавме важноста од деескалација.“

