Автомобил удри во 81-годишна скопјанка, од тешките повреди починала во болница

Осумдесет и едногодишна жена од скопското село Стајковци починала од повредите со кои се здобила откако била удрена од автомобил на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Скопје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена вчера (26 октомври) во 18:19 часот во СВР Скопје.
Патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И. С. (62) од Скопје, удрило во Р. А. (81) од Стајковци.
Жената се здобила со тешки телесни повреди, од кои подоцна починала во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатата било предадено на обдукција, а увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Скопје.
