(Фото+видео) Судир на два авиони во Мајами: едниот слетувал, другиот се подготвувал за полетување

Карго-авион на американската компанија ЈПС и патнички авион на панамската авиокомпанија „Копа ерлајнс“ се судриле синоќа на меѓународниот аеродром во Мајами. Во инцидентот две лица се здобиле со полесни повреди, соопшти противпожарната служба на градот.
Станува збор за авион „Боинг 767“ на ЈПС и „Боинг 737“ на „Копа ерлајнс“, пренесува Си-Би-Ес.
Судирот се случил околу 21:15 часот на раскрсницата на две патеки за движење на авионите. Едниот авион пристигнувал на аеродромот, додека другиот се подготвувал за полетување.
Двете повредени лица биле згрижени на самото место, без потреба од транспорт во болница.
По инцидентот, авионите биле пренасочени на други патеки за движење, но судирот не влијаел врз редовното функционирање на аеродромот.
Карго-авионот на ЈПС требало да лета од Мајами кон Богота, Колумбија, додека авионот на „Копа ерлајнс“ пристигнал од Панама Сити.



