Иран е подготвен да помогне во завршувањето на конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Јемен

Иран е подготвен да обезбеди секаков вид помош за да се стави крај на конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Јемен, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
На средбата со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати во Багдад, Арагчи истакнал дека 12 години тензии и судири покажале дека не постои воено решение за кризата во Јемен, објави тој на својот профил на Телеграм, пренесе „Ал Џезира“.
Арагчи повторно го обвинил Израел и САД за предизвикување на кризата во Ормускиот Теснец, наведувајќи дека нападите врз Иран, кои започнале на 28 февруари, продолжуваат во различни форми.
Иранскиот министер повикал и на заедничко дејствување на исламските земји за ставање крај на израелската окупација и, како што ја нарекол, геноцидот врз Палестинците.
Арагчи и Абделати се сретнале на маргините на самитот на министрите за надворешни работи на Организацијата за исламска соработка, каде што разговарале за билатералните односи и актуелните регионални случувања.
Во меѓувреме, јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран, во текот на изминатите две недели извеле повеќе напади врз објекти на саудиската нафтена компанија „Арамко“ во Дахран, како и врз меѓународниот аеродром „Крал Калид“ и рафинерија на компанијата во Ријад.
Според наведените податоци, во повеќе напади врз аеродромот „Крал Калид“ загинале најмалку 14 лица, а повеќе од 300 биле повредени.
Поради нападите, воздушниот сообраќај над саудиската престолнина бил прекинат.
