Сабота, 14 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Италија ја казни Мета со 805 милиони евра поради пристап до фотографии и видеа од телефоните без согласност на корисниците

Италијанските власти ја казнија американската компанија Мета со 805 милиони евра поради начинот на кој пристапувала до фотографиите и видеоснимките на корисниците на телефони со оперативниот систем Андроид, без да обезбеди нивна јасна и изречна согласност.

Казната ја изрече италијанската Агенција за заштита на личните податоци, која оцени дека функцијата на Фејсбук за предлагање фотографии и видеа од галеријата на телефонот ја прекршува италијанската регулатива за приватност во електронските комуникации, со која се спроведува директива на Европската Унија.

Функцијата им предлага на корисниците фотографии и видеоснимки зачувани во телефонот што можат да ги додадат во своите објави. Но, според истрагата, апликацијата барала една општа дозвола за пристап до галеријата, која опфаќала повеќе различни функции, без доволно јасно да им објасни на корисниците за што точно ја даваат согласноста.

„Ако се одобри во целост, таквата дозвола ѝ овозможува на апликацијата пристап до целата архива со фотографии на уредот, без корисникот или надлежните органи да можат да проверат кои податоци навистина се користат“, се наведува во соопштението на регулаторот.

Италијанската агенција соопшти дека ја отфрлила забелешката на Мета дека нема надлежност да постапува и дека за случајот треба да одлучува регулаторот во Ирска. Според италијанските власти, правилата за приватност во електронските комуникации не предвидуваат механизам со кој надлежноста автоматски се пренесува на една единствена контактна точка.

Според „Политико“, ова е највисоката казна што досега ја изрекол италијанскиот регулатор за заштита на податоците.

Мета има рок од 60 дена да обезбеди посебна и изречна согласност од корисниците за оваа функција, како и јасно да објасни како функционира и на кој начин може да се исклучи.

Компанијата има право да поднесе жалба на одлуката.

Поврзани вести