Кенија потврди четири нови случаи на ебола, вкупно седум заразени

Кенија потврди четири нови случаи на ебола, со што вкупниот број заразени во земјата се искачи на седум, соопшти денеска Министерството за здравство. Вчера властите го потврдија третиот случај на инфекција.
Кениските власти на 6 октомври објавија дека еден ден претходно во болница во Најроби починал државјанин на Кенија, кој живеел во Демократска Република Конго (ДР Конго). Тоа беше првиот потврден случај на ебола и првата смрт поврзана со болеста регистрирана во оваа источноафриканска земја.
Епидемијата во ДР Конго однесе илјадници животи
Демократска Република Конго се соочува со 17. епидемија на ебола во својата историја. За само неколку месеци, таа прерасна во најсмртоносната епидемија на оваа болест досега регистрирана во земјата.
Епидемијата официјално беше прогласена во средината на мај. Според податоците што здравствените власти во Конго ги објавија пред четири дена, регистрирани се повеќе од 9.000 случаи на зараза и 4.381 смртен случај.
Уганда, која граничи со покраината Итури во ДР Конго, едно од жариштата на актуелната епидемија, потврди 20 случаи на ебола, од кои два завршиле со смрт. Светската здравствена организација (СЗО) кон крајот на август прогласи дека епидемијата во Уганда е завршена.
Нема одобрена вакцина за актуелниот вид на вирусот
Еболата се пренесува преку контакт со телесни течности на заразено лице и предизвикува хеморагична треска, која може да биде смртоносна.
За видот Бундибуџо, кој ја предизвикува актуелната епидемија, засега нема одобрена вакцина ниту специфичен лек.
