„Дали ќе ја пресече земјата на два дела-откриен планот на Путин за Украина

Командантот на 57-та украинска моторизирана бригада, Денис Јарославски, тврди дека руската команда издала наредба за целосно уништување на клучните мостови над Днепар.
Според него, целта не е само да се наруши украинската воена и цивилна логистика, туку и да се претвори животот во најголемите градови во земјата во неподносливо секојдневие. Тој верува дека Москва истражува опции за оружје, идентификува ранливи точки и изготвува детални оперативни планови, објавува „Киев пост“.
„Москва тајмс“ пишува дека началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека армијата е подготвена да нападне стратешки важни украински мостови.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 9 ноември, по состанокот со Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Михајло Драпати, изјави дека Русија има намера да ја подели Украина по должината на реката Днепар.
„Детално ги разгледавме предизвиците предизвикани од руската операција против нашите мостови и енергетска мрежа. Русија се обидува да ја подели Украина по должината на Днепар и да ги уништи животите на луѓето, нашите градови и села колку што е можно повеќе“, рече Зеленски.
Украинскиот интернет портал „Комерсант“, повикувајќи се на експертот за мостови Ана Минјукова, наведува дека премините преку Днепар се дизајнирани да издржат тешки товари и дека е малку веројатно дека оштетувањето на поединечните елементи би можело да доведе до уривање на мостот.
Сепак, нападите со балистички ракети или повторените напади со беспилотни летала би можеле да го нарушат сообраќајот низ преминот и со тоа да ја постигнат целта на Путин.
Слично размислува и сообраќајниот експерт Дмитриј Беспалов, кој истакнува:
„Мостовите обично не се уништуваат со ракети, туку со експлозиви поставени од воени инженери. Ние ги разнесевме мостовите како дел од активната одбрана во 2022 година. Ако знаете каде да поставите експлозивно полнење, поправката на мостот може да стане целосно неисплатлива“, рече Беспалов.
Порталот Censor.NET објави на 30 октомври дека изградбата на алтернативни премини преку Днепар веќе е започната, со план првите мостови да бидат отворени на почетокот на 2027 година.
Според украинскиот министер за обнова и инфраструктура, Микола Калашников, планирана е изградба на 21 алтернативен мост.
Министерот изјави дека работите во Киев веќе се започнати, со финансирање од државниот буџет, објавува „Киев Пост“.

