Недела, 8 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

ЛДП: Македонија заслужува во ЕУ сега, светските либерали изгласаа резолуција за итна европска интеграција

Забрзана интеграција на Македонија во Европската Унија и итен пристап до европскиот пазар и фондовите на Унијата се бара во резолуцијата на Либералната интернационала усвоена изминатата недела на конгресот во Бангкок. Резолуцијата истакнува дека 78% од македонската економија е поврзана со европската и дека претворањето на евроинтеграцијата во подвижна цел за Македонија и за земјите кандидатки води кон слабеење на европските позиции, соопштија од ЛДП.

Од партијата појаснуваат дека предлозите од оваа резолуција носат директни решенија за секојдневните маки на македонските граѓани и бизниси – крај на повеќечасовните чекања за камионџиите на границите поради новиот ЕЕС-систем, ослободување од дополнителни такси за влез во ЕУ како новиот ЕТИАС-систем, слободно движење и работа ширум Европа, како и силна економска ињекција преку фондовите што ќе го подобрат стандардот на граѓаните.

„ЛДП во континуитет истакнува дека е потребна редовна координација на меѓународните секретари и раководствата на партиите кои имаат членство во меѓународните и европските политички семејства за да се промовираат координирани национални позиции. Водењето надворешна политика водена исклучиво од интересите на една партија е погрешно и штетно“, велат од партијата.

На овој настан, Емил Кирјас ја доби силната доверба и реизбор за потпретседател на светското либерално семејство.

„Од либералите имаме постојана, директна и сесрдна поддршка. Тоа е последица на напорна работа, блиски контакти, искрени односи и непоколебливо држење до вредностите. Тоа државата мора да го искористи сега, а не утре,” изјави по усвојувањето на резолуцијата потпретседателот на ЛИ, Емил Кирјас.

„Како народ и како нација немаме луксуз да чекаме подобри времиња преку илузорни странски гаранции. Градењето функционална, правична, некорумпирана и здрава држава, со самозаштитни клаузули за европската иднина и економскиот просперитет, мора да биде заедничка обврска за сите. Мора да ја промениме реалноста во која доминираат манипулациите и празните говори, наместо конкретните резултати“, додаде Кирјас.

Поврзани вести