Министрите за одбрана од пет земји на ЕУ во Париз преговараат за понатамошната помош за Украина

Министрите за одбрана на Франција, Германија, Италија, Полска и Британија денеска ќе се сретнат во Париз за да разговараат за Украина, европската одбрана и конфликтот на Блискиот Исток, објави агенцијата ДПА.
Во фокусот на разговорите ќе биде континуираната европска воена помош за Украина, соопшти француското Министерство за одбрана. На дел од состанокот на групата „Е5“ – која ја сочинуваат пет големи европски сили – ќе се приклучат претставници од НАТО и од Европската унија, додека се очекува украинскиот министер за одбрана да учествува преку видео-повик.
Покрај моменталната воена ситуација во Украина, министрите ќе разговараат и за долгорочната поддршка за земјата, која продолжува да се брани од руската инвазија.
Европа останува цврсто на страната на Киев
На претходниот состанок во Берлин, одржан во јуни, петте земји се обврзаа дека ќе продолжат да ѝ даваат поддршка на Украина, со цел да испратат јасна порака до Москва дека Европа останува цврсто на страната на Киев. Министрите, исто така, ќе разгледаат начини за зајакнување на европската улога во рамките на НАТО.
За време на јунскиот состанок, групата „Е5“ се договори да го зајакне европскиот столб на Алијансата, преку зголемени трошоци за одбрана, со цел да се постават темелите за порамноправно трансатлантско партнерство.

