Нискиот водостој на Дунав го намали речниот туризам во Србија, претоварот на стоки падна и до 63 отсто

Нискиот водостој на Дунав и неповолните хидролошки услови го погодија речниот сообраќај во Србија. Бројот на патници на речните крузери до крајот на септември бил за околу 12 отсто помал во споредба со истиот период минатата година, додека претоварот на стоки во пристаништата во август паднал за 63 отсто, а во септември за 57 отсто.
Според податоците на Агенцијата за управување со пристаништата, сезоната на речни крстарења започнала со голем интерес и показатели дека би можеле да бидат надминати ланските рекордни резултати од 1.496 пристигнувања на крузери и 222.000 патници.
Сепак, ниското ниво на Дунав во продолжението на сезоната го намалило патничкиот сообраќај.
Вршителот на должност директор на Агенцијата за управување со пристаништата, Рајко Танасијевиќ, оценува дека ваквите временски и хидролошки околности ја потврдуваат важноста на редовните средби меѓу институциите и стопанството, на кои отворено се разменуваат информации, се разгледуваат проблемите и се бараат начини за нивно надминување.
Нискиот водостој го погодува транспортот во целиот регион
Помошник-министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Владимир Баталовиќ, изјави дека нискиот водостој на Дунав влијае врз транспортот во целиот регион, а станува збор за околности што ги надминуваат националните граници и бараат внимание од надлежните институции, пренесува Танјуг.
„Водниот сообраќај останува важен дел од транспортниот систем на Србија. Неговото значење за нашето стопанство, меѓународната трговија и поврзаноста со Дунавскиот регион е несомнено“, рече Баталовиќ на 11-тата редовна годишна консултација со претставници на групациите за пристаништа и пристанишни терминали и за речен превоз при Стопанската комора на Србија.
Претседателката на Групацијата за пристаништа и пристанишни терминали, Сања Ѓуришиќ, истакна дека за понатамошниот развој на пристанишниот сектор се особено важни подоброто поврзување на различните сегменти на транспортниот систем, соработката меѓу стопанството и институциите, како и постојаниот дијалог со носителите на одлуки.
Претседателот на Групацијата за речен превоз, Младен Грујиќ, посочи дека неповолните услови за пловидба влијаат врз целиот транспортен синџир. Поради тоа, нагласи тој, неопходна е постојана комуникација меѓу бродските компании, пристанишните оператори, корисниците на транспортните услуги и надлежните институции.
Потребен е заеднички пристап
На средбата биле разгледани последиците од неповолните хидролошки услови врз функционирањето на водниот сообраќај, не само во Србија туку и во поширокиот Дунавски регион.
Преку размена на искуства и согледувања било укажано на поврзаноста на проблемите со кои се соочуваат пристанишните оператори, бродските компании и корисниците на транспортните услуги.
Учесниците ја нагласиле потребата од континуирана комуникација и заеднички пристап кон прашањата што се важни за непречено функционирање на транспортните текови.
