Папата: Мораме да го обновиме мирот насекаде, а не да се подготвуваме за нови војни

Папата Лав XIV денес ги повика земјите да престанат со подготовките за нови војни, велејќи дека само мирот е нешто што е свето, објавија италијанските медиуми.
„Мораме да го обновиме мирот насекаде, а не да се подготвуваме за нови војни! Војната никогаш не смее да се води во името на Бога! За нас верниците, „војувањето во името на религијата всушност значи напад врз самата вера“, рече папата во видео порака до учесниците на меѓународната конференција „Мир без оружје“, што се одржа во Асизи, објави агенцијата „Анса“.
Поглаварот на Католичката црква во исто време рече дека не постои такво нешто како света војна, бидејќи само мирот е свет.
„Токму во вакви времиња, кои се карактеризираат со култура на моќ, потребно е да се негува „духот на Асизи“, што подразбира отфрлање на секое религиозно оправдување за војна, како и прифаќање на духот на медијацијата и дијалогот“, додаде папата во пораката.
Папата Лав беше отпуштен од болницата „Џемели“ во Рим на 17 октомври, по успешна операција на белите дробови и петдневно закрепнување, и се врати во Ватикан.
Меѓународниот состанок „Мир без оружје што разоружува“ се одржа во Асизи од 25 до 27 октомври, по повод 40-годишнината од Светскиот ден на молитва за мир, кој го свика папата Јован Павле II во 1986 година.
На состанокот присуствуваа верски лидери, претставници на различни религии, култура, граѓанско општество и политика од целиот свет, пренесува Танјуг.


