Понеделник, 9 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Пијанист од крузер спасен по девет часа во Тихиот Океан: преживеал благодарение на „Ел Нињо“

Пијанист од крузер е спасен откако поминал девет часа во Тихиот Океан, на околу 32 километри од брегот на Калифорнија. Мажот, вработен во компанијата Royal Caribbean, паднал од бродот и плутал на отворено море сè додека во петокот не го пронашле двајца рибари. Неговиот идентитет сè уште не е објавен, пренесува Би-би-си.

Спасување среде океан
Рибарите Грант Герет и Шон Нортон го забележале мажот во близина на островот Каталина. „Си помислив: ’Тоа е човек. Гасете го бродот, повлечете ги сите јажиња‘“, раскажа Герет. Мажот им кажал дека работи како пијанист на Ovation of the Seas – крузер со 14 палуби. „Единственото нешто што ни го кажа беше: ’Ви благодарам. Мислев дека ќе умрам‘“, додаде Нортон. Според американската крајбрежна стража, спасениот пијанист е пренесен во болница и се наоѓа во стабилна состојба.

Истрага за падот
Крајбрежната стража потврди за Би-би-си дека ги истражува околностите на инцидентот. Спасувачките служби претпоставуваат дека мажот паднал во морето околу 02:30 часот по полноќ – речиси девет часа пред да биде пронајден. Адам Јасенда, шеф на спасувачката служба во Њупорт Бич, изјави за Си-би-ес дека мажот се наоѓал на 25 до 30 километри од брегот, што значи – среде океан.

Преживеал благодарение на топлата вода
Шон Нортон смета дека пијанистот преживеал исклучиво поради невообичаено топлата вода. „Ова е необична година со ’супер Ел Нињо‘. Човекот бил во водата веројатно десет часа, а температурата на водата изнесувала 24 степени [Целзиусови]“, објасни тој. „Во која било друга година, тој немаше да има шанси за преживување.“

Научниците кои го следат Тихиот Океан потврдија дека тековниот климатски феномен „Ел Нињо“ е најсилниот некогаш забележан. Температурите на океанот се за околу три степени Целзиусови над просекот.

Од Royal Caribbean Group дадоа коментар за инцидентот. „Му ја пружаме сета потребна поддршка и помош на нашиот член на екипажот. За да ја заштитиме неговата приватност, не можеме да откриеме дополнителни детали“, изјави портпарол за Би-би-си.

Поврзани вести