Понеделник, 2 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

„Рајанер“ размислува за замрзнување на платите

„Рајанер“ размислува за привремено замрзнување на платите на вработените, со цел да се покрие наглиот пораст на трошоците за гориво.

Ирската нискобуџетна авиокомпанија очекува цените на горивото да останат високи „сè до 2027 година“, освен ако конфликтот во Иран не се реши брзо. Од „Рајанер“ проценуваат дека трошоците за гориво ќе се зголемат за две милијарди евра на краток рок, а исто така предвидуваат и пораст на цените на авионските билети во Европа, што би помогнало да се компензира дел од овие трошоци.

Сепак, компанијата смета дека тоа нема да биде доволно, па затоа разгледува низа мерки, меѓу кои и „привремено замрзнување на платите“. Би-Би-Си побара коментар од синдикатот Unite, кој ги застапува вработените во „Рајанер“.

Однапред договорена набавка на 80 отсто од потребното гориво

Добивката на „Рајанер“ пред оданочување, за шестмесечниот период што заврши кон крајот на септември, е намалена за 16 отсто, на 2,4 милијарди евра, главно поради повисоките трошоци за гориво. Од компанијата наведоа дека се заштитиле од растот на цените преку однапред договорена набавка на 80 отсто од потребното гориво по фиксни цени. Сепак, трошоците за преостанатите 20 отсто се двојно зголемени.

Цените на авионското гориво значително пораснаа оваа година поради војната на Блискиот Исток, што доведе до намалување на понудата на рафинирани нафтени деривати од земјите во Персискиот Залив и ја засили конкуренцијата за гориво произведено во други делови од светот. Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, минатиот месец изјави дека очекува неговата компанија, како и другите авиопревозници, следната година да ги зголемат цените на билетите за 15 до 20 отсто.

Поврзани вести