Вторник, 17 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Руски дрон над главниот град на Молдавија; Претседателката: Закана за цела Европа

Претседателката на Молдавија, Маја Санду изјави дека руски дрон летал над главниот град Кишињев и најави дека ќе побара дополнителни санкции против Москва.

Проевропската влада на Молдавија ја осудува руската инвазија на Украина од самиот почеток, а властите често пријавуваат нарушувања на воздушниот простор, особено по должината на границата, за кои тврдат дека се предизвикани од руски дронови. Сепак, леталата ретко се појавувале над самиот главен град досега, пишуваат медиумите.

Претседателката Санду, која се залага за влез на Молдавија во ЕУ до 2030 година, се огласи на платформата Икс. „Вечерва, неколку руски дронови го нарушија нашиот воздушен простор, а едно леташе над Кишињев и ги вознемири граѓаните“, напиша таа.

„Руската војна е закана за цела Европа“, рече таа. „Молдавија се залага за мир. Ќе продолжиме да бараме санкции против Москва, да ја поддржуваме Украина и да ја зајакнеме сопствената одбрана во соработка со партнерите.“

Министерството за одбрана на Молдавија потврди дека во вторникот се регистрирани два упади со беспилотни летала, кои ги идентификуваше како руски, што предизвика затворање на воздушниот простор на земјата. Првиот дрон прелета над источните региони, додека вториот влезе во јужниот дел од земјата и продолжи кон Кишињев. Неофицијални фотографии од дронот над главниот град беа објавени и на социјалните мрежи.

Санду призна во подоцнежните објави дека Молдавија во моментов нема одбранбени капацитети за заштита од беспилотни летала. „Затоа ќе продолжиме да ја осудуваме војната, да ја поддржуваме Украина и да инвестираме во националната одбрана со помош на пријателските земји“, додаде претседателката.

Реакцијата на Москва
Русија ги отфрла обвинувањата за кршење на воздушниот простор. Москва тврди дека Молдавија не доставила никакви докази дека беспилотните летала се руски и ги обвинува молдавските власти за поттикнување антируски чувства.

Политичкиот аналитичар Виталие Андриевчи смета дека Молдавија веројатно нема да прифати повеќе од уште една официјална осуда на Москва. „Не верувам дека молдавските власти ќе преземат драстичен чекор како што е протерување на рускиот амбасадор“, рече тој. „Дронот кружеше и сигурно веќе го напуштил молдавскиот воздушен простор. Како можете да докажете дека бил руски во оваа ситуација?“

Поврзани вести