САД под водство на Трамп поништија повеќе од 300.000 визи

САД поништија повеќе од 300.000 визи откако Доналд Трамп се врати на функцијата, потврди вчера висока претставничка на Стејт департментот.
Мора Намдар, помошник државен секретар за конзуларни прашања, објави на социјалната мрежа X:
„Поништени се повеќе од 300.000 визи, а таа бројка продолжува да расте. Пораката до имателите на визи е едноставна: почитувајте ги нашите закони, во спротивно ќе ја изгубите привилегијата да патувате во Соединетите Американски Држави“.
„Под водство на претседателот Трамп и државниот секретар Рубио, заштитата на нашата земја и на американскиот народ е наш главен приоритет – денес и секој ден“, додаде Намдар.
Во нејзината објава беше вклучена и порака од Белата куќа во која се наведува дека „администрацијата на Трамп поништила повеќе визи, и тоа побрзо, од која било друга администрација во историјата“.
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, на платформата X појасни дека поништувањето на визите се однесува на странски државјани кои се вклучени во незаконски активности или претставуваат закана за националната безбедност.
„Имаме нулта толеранција кон странски државјани кои престојуваат овде врз основа на виза, а ги прекршуваат законите, вршат измами или ја загрозуваат нашата национална безбедност“, рече тој.


