Серафимовски: Инвестираме 25 милиони евра во „Страиште“ за современо наводнување на 1.500 хектари во валандовскиот регион

Третата фаза на системот за наводнување „Страиште“, вредна 25 милиони евра, ќе опфати 1.500 хектари земјоделско земјиште и ќе ги задоволи потребите на околу 6.000 земјоделци, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на денешниот настан со кој се означи почеток на реализација на инвестицијата во населеното место Пирава, општина Валандово.
„Оваа инфраструктура ќе овозможува примена на наводнување капка по капка, попрецизно дозирање и поекономично користење на водата. За производителите тоа ќе значи поголема контрола врз одгледувањето на културите и услови за постабилни приноси и поквалитетен род, особено во сушните периоди од годината“, рече министерот Серафимовски.
Тој информираше дека проектот предвидува изградба на 70 километри цевководна мрежа под притисок, поставување на околу 500 хидранти и изградба на нова пумпна станица.
„Во рамките на проектот се предвидени советодавна поддршка и практични обуки. Земјоделците ќе добијат стручни препораки за ефикасно користење на системот и приспособување на наводнувањето според својствата и влажноста на почвата, временските прилики и потребите на културата. На овој начин, вложувањето во инфраструктурата ќе биде поддржано и со знаење што ќе им помогне на земјоделците подобро да ги користат нејзините можности“, нагласи министерот Серафимовски.
Тој истакна дека Владата со овој проект ги поддржува долгорочните вложувања во земјоделските стопанства, а постабилното производство ќе отвори простор за подобра заработка на земјоделците и за развој на преработката, складирањето и трговијата, со пошироки економски придобивки за целиот валандовски регион.
Системот за наводнување „Страиште“ се надоврзува на првите две фази од проектот „Вардарска долина“ и претставува продолжување на партнерството со германската развојна банка KfW. На настанот присуствуваа и претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Валандово, Ѓоко Камчев.
