Сиљановска-Давкова и Чупиќ разговараа за добрососедството, политичкиот дијалог и регионалната соработка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, се сретна со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Република Србија.
Најнапред, таа му ја честиташе изборната победа и изборот за претседател на Народното собрание.
За Сиљановска-Давкова, неговото присуство е особено значајно за решавањето на отворените регионални прашања преку политички дијалог заснован врз взаемна почит и разбирање.
Таа изрази увереност дека македонско-српските односи, со оглед на традиционалното пријателство меѓу народите и граѓаните, ќе продолжат со уште позасилено темпо во образованието, науката, културата, туризмот и дигитализацијата.
Чупиќ оцени дека учеството на Процедот „Брдо-Бриони“ во Охрид е порака за значењето на добрососедството и ја поддржа идејата на претседателката за вклучување на млади луѓе на состаноците.
Тој ја поздрави отвореноста на Процесот, којашто, како што истакна, се потврдува и со одржувањето на Самитот во Охрид.
Претседателката ја акцентираше широката и плодна српско-македонска соработка во економијата, посочувајќи дека Србија е меѓу десетте најголеми македонски трговски партнери.
За двајцата професори, образовната, научната и културната соработка се голем предизвик.
Тие, во македонската заедница во Србија и српската заедница кај нас, препознаваат цврст мост на пријателство и зближување на двата народа.



