Четврток, 19 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

„Сладоста на горчливите нешта“ ја имаше својата светска премиера на PÖFF во Талин

Дебитантскиот долгометражен игран филм „Сладоста на горчливите нешта“, по сценарио и во режија на Андреј Волкашин, ја имаше својата светска премиера на 17 ноември во Apollo Kino Plaza во Талин, во рамките на натпреварувачката програма First Feature Competition на 30. Tallinn Black Nights Film Festival (PÖFF).

На премиерата присуствуваа режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и актерите Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска. По проекцијата следеше разговор со публиката, посветен на создавањето на филмот, неговите ликови и темите за љубовта, личната слобода и општествените очекувања.

Филмот беше одлично прифатен од присутните, а во реакциите особено беа издвоени актерските остварувања на Зорица Нушева и Лео Поповиќ, авторскиот пристап на Волкашин и визуелната поетика на филмот. Интерес предизвикаа и елементите на магичниот реализам и улогата на природата во градењето на атмосферата.

„Преку приказната за Дора сакав да истражам што се случува кога љубовта ќе нè соочи со самите себе, со нашите стравови и со сè она што сме го потиснувале. Се надевам дека публиката ќе ги разбере нејзините чувства и ќе препознае дека луѓето се сложени суштества и дека секој има право да живее автентично и сам да избере кого ќе сака“, истакнува режисерот и сценарист Андреј Волкашин.

Продуцентката Елена Станишева ја нагласува комуникацијата што филмот ја воспоставува со меѓународната публика.

„За мене, како продуцентка, најголемата вредност на еден филм е неговата способност да допре до меѓународната публика и да воспостави комуникација со неа, независно од различните културни и општествени контексти. Иако во својата основа е приказна за забранетата љубов, филмот отвора пошироки прашања за изборите што ги правиме, нашите стравови, копнежи и желби, особено кога тие се во конфликт со правилата и очекувањата во кои сме воспитани и според кои живееме. Верувам дека токму во тој судир лежи неговата универзалност. Особено ми е драго што филмот предизвикува реакции, допира до публиката и поттикнува дискусија“, истакнува Станишева.

За директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, премиерата го потврдува значењето на поддршката на новите авторски гласови.

„Светската премиера во Талин е значаен чекор за Андреј Волкашин и целата екипа. Поддршката на дебитантските остварувања е вложување во иднината на македонската кинематографија, а нивното присуство во меѓународните натпреварувачки програми отвора простор за нови публики и професионални можности. Честитки до екипата за посветеноста и за ова значајно претставување на македонскиот филм. По сета работа што ја вложи екипата, овој успех е особено сладок.“, изјави Мицевски.

„Сладоста на горчливите нешта“ ја следи Дора, жена која животот го посветила на семејството. Грижата за една повредена непозната жена ја соочува со долго потиснуваните чувства и ја поттикнува да ги преиспита сопствените желби и избори.

Филмот е во продукција на „Веда Филм“, со продуцентката Елена Станишева, во копродукција со Screening Emotions од Бугарија и Studio Corvus од Хрватска. Реализиран е со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија, Бугарскиот национален филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар и паневропскиот фонд Eurimages.

Поврзани вести