„Светот ќе биде вџашен“: Иранските команданти се подготвуваат за понатамошна војна

Иран се подготвува за нова фаза од војната со Соединетите Држави, упатувајќи јавни закани кон Вашингтон и неговите сојузници. Со ова, Техеран очигледно се обидува да го одврати претседателот Доналд Трамп од ескалација на конфликтот.
Во текот на изминатиот месец, иранските воени команданти дадоа низа изјави во кои тврдат дека имаат нови залихи оружје – што се подготвени да го употребат против цели надвор од регионот, доколку САД продолжат со непријателските дејствија започнати во февруари.
Претставници на режимот се заканија дека ќе ја прошират листата на потенцијални цели доколку конфликтот продолжи, спомнувајќи можност за пресекување на подводните интернет-кабли, напади врз центри за податоци поврзани со вештачка интелигенција, како и напади врз регионалните нафтени и гасни постројки, пренесува CNN.
„Светот ќе биде вџашен“
„Светот ќе биде вџашен“, изјави кон крајот на минатиот месец Хосеин Мохеби, портпарол на Иранската револуционерна гарда, додавајќи: „Имаме нови цели кои сè уште не биле нападнати“.
Речиси девет месеци откако САД и Израел започнаа војна против Иран, конфликтот западна во ќор-сокак. Крајните намери на претседателот Трамп остануваат нејасни, додека светот се соочува со економска нестабилност.
Двете страни прогласија победа: Техеран го слави својот опстанок, додека Вашингтон ја истакнува штетата нанесена врз иранскиот режим. Во меѓувреме, администрацијата на Трамп тестира нови економски и воени мерки со цел да го принуди Иран на капитулација – но Техеран продолжува да пружа отпор. „Војната не е завршена. Исламската револуционерна гарда се подготви за долготраен конфликт“, рече Мохеби.
Закани за Европа
Во последните недели, советниците во Белата куќа разговараат за опциите во однос на Иран. Иако Трамп јавно изјави дека нема да презема никакви нови чекори пред изборите за Конгресот, неколку советници – неофицијално – за CNN наведоа дека не се сигурни дали оваа одлука е конечна или дали може да се промени до изборите на 3 ноември.
Американската војска изготви нови планови кои вклучуваат можна употреба на таканаречената „мајка на сите бомби“ (MOAB). Доколку Трамп нареди продолжување на операциите, цели би биле иранската енергетска инфраструктура и нуклеарните постројки. Бомбата GBU-43/B (Massive Ordnance Air Blast) е најголемото ненуклеарно оружје во американскиот арсенал, а нејзината употреба би претставувала значителна ескалација на конфликтот.
„Ова се пропагандни алатки чија цел е да го заплашат иранскиот народ. Иранската нација е ’таткото на сите бомби‘“, изјави во саботата иранскиот воен командант Алиреза Шеик.
Иран најави нова, поофанзивна воена доктрина, што подразбира дека земјата нема да чека напад, туку би можела да изврши превентивни удари. Минатата недела, профили на социјалните мрежи поврзани со Револуционерната гарда објавија снимки од воени вежби спроведени низ целата земја, вклучително и истовремено лансирање на 30 балистички ракети.
Фарзин Надими, виш соработник во Институтот во Вашингтон, смета дека доколку Техеран се чувствува доволно сигурен, би можел да ги употреби своите нови ракети со долг дострел против Европа. Меѓу потенцијалните цели би можеле да се најдат американските сили во воздухопловните бази во Англија или логистичкиот центар Рамштајн во Германија – најголемата американска воена база надвор од Соединетите Држави.
„Сепак, Иран веројатно би ја чувал таа опција за сценарио што вклучува максимална ескалација“, изјави Надими.
Претходно овој месец, САД ги повлекоа сите стратешки бомбардери од Обединетото Кралство и ги вратија во базите во САД поради нова, неодредена закана. Неколку дена претходно, британските власти уапсија неколку лица поврзани со наводен ирански заговор. Цел на заговорот била британска воздухопловна база во која биле стационирани американски летала.


