Трамп разгледува нови напади врз Иран, САД испраќаат дополнителни воени сили на Блискиот Исток

Американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за нови воени напади врз Иран, додека САД ја засилуваат воената присутност на Блискиот Исток со дополнителни воени бродови и маринци. Разузнавачки извори предупредуваат дека иранските планови за дејствување против американскиот персонал влегле во „напредна фаза“, објави „Волстрит џурнал“.
Трамп во петокот, на собир во Флорида, најави можност за нови воени операции, велејќи дека САД би можеле да започнат уште една „мала операција ‘Епски бес’“, алудирајќи на претходната воена кампања против Иран.
Според информациите, Пентагон му претставил на претседателот повеќе опции за нов напад. Меѓу нив се удари врз иранските нуклеарни постројки и инфраструктурата, вклучително и мостови, како и операции насочени кон острови под иранска контрола. Засега не е донесена конечна одлука за нова воена акција.
Во меѓувреме, Вашингтон ја засилува воената инфраструктура во регионот. На Блискиот Исток веќе се распоредени две ударни групи носачи на авиони, а трета пристигнува од Пацификот. Во регионот се упатува и амфибиски десантен брод со маринци.
Засилувањето на американските сили следува по предупредувањето на директорот на Националната разузнавачка служба, Џеј Клејтон, кој во петокот испратил допис до државниот секретар Марко Рубио. Во него предупредил дека Иран значително ги интензивирал активностите насочени против американските државјани и персонал.
Поради зголемените безбедносни ризици, американската администрација наредила повлекување на дипломатски и воен персонал од одредени локации во регионот.
Можноста за нови напади се разгледува во пресрет на изборите за американскиот Конгрес, закажани за 3 ноември. Аналитичарите предупредуваат дека евентуалната воена акција би можела да предизвика иранска одмазда и дополнително да ја загрози безбедноста на американските сили во регионот.
Ескалацијата би можела да предизвика и раст на цените на енергентите на светските пазари, особено доколку дојде до пошироко нарушување на снабдувањето со нафта и гас.


