Трамп се закани со нови напади врз Иран: Другите претседатели одамна требаше да влезат во војна

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД би можеле повторно да го нападнат Иран, тврдејќи дека американската војска веќе ѝ нанела големи загуби на земјата. Во разговор со новинарите во Белата куќа, пред заминувањето на предизборен митинг во Ајова, тој порача дека воената операција можеби не е завршена.
„Другите претседатели требаше одамна да го направат ова, да влезат во војна со Иран. Силно ги погодивме и можеби ќе продолжиме со нападите“, изјави Трамп.
На прашањето како американската јавност реагира на војната, Трамп призна дека мислењата се поделени.
„Постои цена што мора да се плати, што го знаев уште кога ја донесов одлуката. Но, не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје“, додаде тој.
Трамп во средата изјави дека Вашингтон во моментот не преговара со Техеран и најави дека прилично брзо ќе се случи нешто, на еден или на друг начин.
Според „Њујорк тајмс“, американската и израелската војска подготвиле планови за нови напади врз Иран по изборите за Конгресот на САД, закажани за 3 ноември. Потенцијални цели се нуклеарни постројки, енергетска инфраструктура и складишта за ракети и беспилотни летала. Сепак, неизвесно е дали Трамп ќе ги одобри нападите.
САД и Израел ја започнаа војната против Иран на 28 февруари годинава, по што Техеран одговори со ракетни напади и напади со беспилотни летала во регионот и практично го затвори Ормускиот Теснец. Во јуни беше потпишан меморандум што требаше да го отвори патот кон мировен договор, но преговорите пропаднаа поради несогласувања, меѓу другото и околу слободата на пловидба низ теснецот.

